Економија, финансии, бизнис

Контакт

Зоран Фиданоски, тв Алфа: Ќе биде тешко…

Зоран Фиданоски, тв Алфа: Ќе биде тешко…
Сега кога веќе е јасно дека опозицијата ќе ги бојкотира изборите, Македонија со забрзан од чекори кон уште подлабока политичка криза. Не успеаја обидите на странците да ја изменат ваквата разврска на настаните  – само во последните 48 часа Ховит си замина многу лут, а Филе воопшто и не дојде – разочаран од ќор-сокакот, од кој, барем засега, нема излез. Нема да трошам многу зборови за тоа што доведе до ваквата криза. Настаните од 24 декември беа доволно јасни сами по себе и тука не помага никаква ПР “шминка“ или “фејс лифтинг“ за разубавување – припадници на полицијата исфрлија избраници на народот, припадници на полицијата исфрлија новинариод салата за седници во македонското Собрание и галеријата.  Сосема друго е прашањето дали некој опструирал и со какви методи било тоа. Впрочем, на такво нешто сме сведоци секоја од последните, барем 5-6 години во САД, каде претседателот е приморан да води тешки преговори и да оди на компромис со политичките опоненти. Нејсе, оттогаш опозицијата е на улица, со постојани протести, граѓански парламенти, затоа што го бојкотира законодавниот дом и со повик – да се организираат предвремени парламентарни избори, како единствена опција за излез од кризата. Власта досега категорично одбива – вклучително и последната понуда од Црвенковски (ако опозицијата освои еден глас повеќе на советничките листи на локалните, во септември да има парламентарни избори), за којa се шпекулираше дека е со логистичка поддршка од странски, но и од домашни влијателни политички структури, вклучувајќи ги и оние што седат во Владата. Одбивањето од Груевски може да се протолкува на повеќе начини – но мене некако најблизок ми е оној дека тој императивно сака да има доминација на локално ниво, затоа што не знае што носи блиската иднина. Се почесто се зборува дека е под притисок за решавање на името, кој со секој изминат ден станува се посилен и кој на крајот може да стане и неподнослив за него. Во таков случај за добар грб потребни му се општините со негови градоначалници. Кои, ако ништо друго, би ја држеле на високо ниво партиската кондиција на ВМРО-ДПМНЕ. Е, сега, што може да се очекува од опозицијата. Реално, откако покажа дека не се шегува со своите најави  – дека без договор, ќе има бојкот (без оглед на исклучоците за кои стигнаа информации ноќеска) – ова, по подолго време, ќе биде нејзина демонстрација дека опстојува на својот став. Што, прво, може дополнително да ги збие редовите внатре и, второ, може да ги задржи придобиените нови симпатизери, по настаните од 24 декември. На сите им е јасно дека  - искушението дали да се оди на избори или не, е огромно. Никој со сигурност нема да ви каже што се добива, а што се губи со ваквиот потег. Но, едно е извесно – ваквиот чин ќе ја смени перцепцијата кај политичките опоненти кои иронично забележуваа , дека сето ова е обичен блеф. Но, и кај меѓународниот фактор. Затоа што од памтивек важи онаа народната –“ човекот го ценат толку колку што си држи до својот збор“... Каде е излезот? Сигурно не на првата кривина. Ќе биде тешко, ќе биде екстремно тешко. Но, ако се вака поставени работите, тогаш неизоставно ќе мора да се седне на маса. И да се стигне до компромис. Вистински. Што во политиката значи дека ќе мора да се откажеш од тоа дека ќе ги задржиш сите свои позиции. Колку порано го разбереш тоа, толку поголеми се шансите таквите загуби да бидат помали. Во спротивно – тие од ден на ден ќе се зголемуваат. Зоран Фиданоски Фактор Ви ги претставува мислењата на македонските новинари во однос на претстојните локални избори. Не мора да значи дека ставовите на новинарите ја одразуваат уредувачката политика на Фактор, но и сега и во иднина ќе правиме се овие ставови да бидат достапни за нашата читателската публика, како придонес во развојот на економската и политичка дебата.
Слично

Поврзани вести