Економија, финансии, бизнис

Контакт

Зоран Фиданоски: Очекувам некаква правна разрешница пред да се случи политичката

Зоран Фиданоски: Очекувам некаква правна разрешница пред да се случи политичката

Фактор ви ги пренесува ставовите на македонските новинари и јавни личности во однос на начините на решавање на политичката криза.

Зоран Фиданоски, новинар

Ако прашањето дека нема избори на 5 јуни е апсолвирано, тогаш работите може едноствано да се наредат и да се добие едно сценарио за излез од кризата. Прво, да се повлече аболицијата, а Иванов да си даде оставка.  Второ да се прочисти ама вистински избирачкиот список (затоа што знам и поединечни примери дека тоа не е направено) и тој да се усвои со консензус, а не со надгласување во ДИК. Трето, да се овозможи СЈО нормално да си ја работи работата за што и е формирано, а тоа подразбира во најскоро време специјално одделение во Кривичниот суд кое ќе ги процесуира, а не како досега – ан-блок – ќе ги одбива сите аргументи на “специјалните“ обвинители. Дополнително, како Дамоклов меч над главата виси иницијативата пред Уставен суд за негово укинување. И, четврто да се отвори и со брзи чекори да се оди низ процесот на медиумски реформи по кои ќе имаме вистински, а не симулиран баланс, објективизам и пред се професионализам во новинарството (ова последново и со сите обиди да се создаде перцепција го немаме). Сето ова да се реализира, па дури потоа да се оди на избори. Тоа подразбира условен датум што, според мене во најдобар случај, би бил некаде напролет идната година заедно со локалните избори.

Ова е сценарио како би требало да биде. А, како ќе биде ќе видиме наредните, ајде да речеме, десетина дена. Кога во земјава веќе треба да биде присутен новиот (овој пат германски) специјален пратеник за Македонија Јоханес Хајндл. Очекувам германска упорност во разрешување на ситуацијата, очекувам - кажано фигуративно - “виткање“ раце и притисок на вистинското место за да се прифатат “правилата на игра“ произлезени од новонастанатата ситуација. Можен е нов формат на преодна влада во кој нема да има упад со одземање на ингеренции на министри. Влада, која можеби ќе има и други задачи освен организација на избори. И, да очекувам секако некаква правна разрешница пред да се случи политичката. Затоа што во демократијата едно од основните правила е - народот те бира за да му служиш, но судот те суди ако грешиш.

Слично

Поврзани вести