ЗНМ:За Хан слободата на медиумите останува приоритет
Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан тврди дека слободата на медиумите беше и останува едно од врвните приоритети на реформската агенда на Европската комисија во соработката со Македонија, информираат од Здружението на новинарите на Македонија.
Комесарот Хан во одговорот на писмото до претседателот на Европската федерација на новинари, Могенс Бјергард, вели дека слободата на изразувањето е една од областите опфатени во листата на Ургентните приоритетни реформи, изготвен од Европската комисија по објавувањето на скандалот со прислушување.
Хан потсетува дека Европската комисија постојано го критикувала немањето на политичка независност и балансирано известување на јавниот радиодифузен сервис, немање на транспарентност за владиното рекламирање и обезбедување непречен пристап на новинарите во информациите од јавен карактер.
„Во сите наши контакти постојано сме подвлекувале дека правото на медиумите да пренесуваат информации и идеи од јавен интерес и правото на јавноста да ги добие нив, не смее да се поткопува преку политичко влијание врз уредувачката политика и врз работата на новинарите, пред, во текот и после изборите“- вели Хан во писмото.
Писмото на комесарот Хан е одговор на писмото на претседателот на Европската федерација на новинари, Могенс Бјергард, кој кон крајот на февруари на барање на ЗНМ инсистираше од Европската комисија да се ангажира повеќе за медиумски реформи во Македонија, како предуслов за организирање на слободни и кредибилни избори, додаваат од ЗНМ.
