ЗНМ во Стразбур ќе бара правда за 24-ти декември
Здружението на новинари на Македонија во Судот за човекови права во Стразбур ќе поднесе тужба за изнесувањето на новинарите од собраниската галерија за време на случувањата во Собранието на 24 декември 2012 година.
Според претседателот на новинарското здружение Насер Селмани, одлуката на македонскиот Уставен суд да ја отфрли претставката со образложение дека новинарите биле отстранети заради нивна лична безбедност е „скандалозна, апсурдна и крајно опасна за демократијата“.
„Ние сме убедени дека Европскиот суд ќе утврди повреда на правото на слобода на изразување. Сите новинари што се потпишаа на иницијативата дадоа согласност да го овластат нашиот адвокат за тужбата во Стразбур“, вели Селмани.
Тој не се согласува со премиерот Никола Груевски, кој проблемот со слободата на изразување во Македонија го нарече „надуен балон“.
„Не е надуен балон дека Македонија е единствената земја во југоисточна Европа каде новинар е осуден на четири ипол години затвор за наводно откривање на идентитет на заштитен сведок. Не е надуен балон дека Македонија е единствена земја во Европа каде новинар се гони за наводно шпионирање. Не е надуен балон дека новинарите беа исфрлени со сила од Собранието. Факт е дека продолжува праксата носители на јавни функции да тужат новинари за да ги исплашат и да ги обесхрабрат да истражуваат за евентуални злоупотреби на власта“, набројува Селмани и му препорачува на Груевски да ги види последните неколку извештаи на Европската комисија и на релевантни меѓународни организации кои потврдуваат дека Македонија има проблем во оваа област.
