ЗНМ: Владата да ги прекине рекламните кампањи во приватни медиуми!
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) смета дека Владата треба веднаш да прекине со објавување на владините кампањи во приватните медиумите затоа што тие не се од јавен интерес. Од ЗНМ веруваат дека Владата преку кампањите влијае на уредувачката политиката на медиумите, а со тоа и на јавното мислење. Како поддршка за ова свое тврдење, ЗНМ ги наведува податоците наведени во извештајот за владините реклами, што неодамна беше објавен на интернет страницата на Владата.
Извештајот кој е неодамна објавен на веб страната на Владата се однесува за владините кампањи спроведени во 2012, 2013 и првите шест месеци од 2014 година. Во овој период Владата водела вкупно 27 медиумски кампањи, за кои потрошила околу 18 милиони евра.
Од податоците на Извештајот се гледа дека постои тренд на зголемување на средствата што Владата ги трошела за оваа намена. Ако во 2012 година за кампањи се потрошени 6. 6 милиони евра, само во првите шест месеци од 2014 се потрошени скоро 4 милиони евра.
Најголем дел од кампањите се за информирање и запознавање на граѓаните за придобивките од реформите во разни области, како што се судство, здравство, образование, земјоделство, туризам, администрација, четири кампањи се за поттикнување на иновативниот и претприемачкиот дух, и по две против абортусот, за соживотот и две под мотото “Истражи ја Македонија“ како и една за промовирање на семејните вредности.
„Со овие кампањи Владата свесно ја убива смислата за јавна дебата, со цел нејзината вистина да доминира во медиумскиот простор и да го маргинализира секое критично размислување во медиумите и јавноста. Ова создава монопол на Владата во креирањето на јавното мислење, што е незамисливо во едно демократско општество, каде таа води јавни кампањи само за прашања за кои меѓу граѓанството постои општ консензус“, соопшти ЗНМ.
Од Здружението нагласуваат дека податоците покажале оти Владата нема јасни критериуми за распределба на рекламите и парите предвидени за нив.
„Според Анализата на пазарот на радиодифузната дејност за 2013 година од Агенцијата за аудио и аудиовиозуелни медиумски услуги, ТВ Сител има 28. 6 % учество во вкупната гледаност, а во истата година има добиено 791 објави од спотовите на владините кампањи. Од друга страна Телевизијата Алфа, која истата година имала учество од 3.2 % од вкупната гледаност, има добиено 5295 објави од кампањите. Од овие податоци јасно се гледа дека има огромен дисбаланс меѓу гледаноста на телевизијата и добиените објави од кампањите“, истакнува ЗНМ.
Владата со 7.2 милиони евра, има речиси ист број на емитувани спотови колку што заедно имаат првиот, третиот и четвртиот од најзначајните огласувачи во медиумите. Тоа значи дека Владата со овие пари има закупено ист простор во медиумите, колку што имаат заедно Проктер &Гембел, Кока Кола и Оне.
„Од овие податоци се гледа дека трговските односи меѓу Владата и електронските медиуми не се базирани на економска логика, која важи за другите купувачи на рекламен простор. Ако се знае дека дистрибуцијата на кампањите оди преку приватни маркетинг агенции, прашањето е како овие агенции успеале да обезбедат толку ниски цени за огласување за владините кампањи и зашто медиумите ја прифаќаат оваа неекономска логика на пазарот? Со спуштање на цените на рекламите ние сметаме дека Владата учествува во нарушувањето на медиумскиот пазар и негативно влијае на економското работење на медиумите. Освен тоа, ваквата состојба на пазарот ги става во нерамноправна позиција и другите огласувачи во медиумите. Кога овие кампањи би се платиле со пазарни цени, износот на пари за закупениот простор за владини кампањи би бил тројно поголем“, заклучува ЗНМ.
Со овие кампањи Владата свесно ја убива смислата за јавна дебата, со цел нејзината вистина да доминира во медиумскиот простор и да го маргинализира секое критично размислување во медиумите и јавноста. Ова создава монопол на Владата во креирањето на јавното мислење, што е незамисливо во едно демократско општество, каде таа води јавни кампањи само за прашања за кои меѓу граѓанството постои општ консензус.
Деталниот извештај на Владата за тоа како се трошеле парите за рекламни кампањи може да се погледне на следниот ЛИНК
Слично
