ЗНМ со поддршка на Божиновски, бараат негово ослободување
Здружението на новинарите на Македонија денеска објави Декларација посветена на новинарот Зоран Божиновски, кој е во затворот во Шутка откако беше испорачан од српските власти за случајот „Шпион“.
Од ЗНМ му даваат поддршка на Божиновски и сметаат дека неправедно е обвинет.
„Бараме од судските власти Божиновски веднаш да биде ослободен од вина и да биде пуштен на слобода од Истражниот затвор во Скопје. Колегата Божиновски на 7 ноември 2013 година беше уапсен во Нови Сад со потерница од Интерпол како еден од осомничените во случајот „Шпион“ со обвинение за злосторничко здружување, шпионажа и уцена според Кривичниот закон на Македонија и од тогаш се наоѓаше во екстрадиционен притвор. Поради неможноста во Македонија да му се овозможи праведен судски процес и поради политичкиот прогон, Божиновски во меѓувреме побара азил во Република Србија. Тој ја чекаше одлуката од слобода, но и покрај настојувањата на здруженијата на новинарите на двете земји српските власти да му дадат азил на Божиновски тие му го одбија барањето и тој на 21 овој месец експресно беше екстрадиран во земјава и притворен“ - стои во соопштението од ЗНМ. Велат дека овој случај ќе биде забележан во историјата на македонското новинарство, како класичен пример за постигнување ефект на страв, дисциплинирање и самоцензура кај новинарите. Според ЗНМ тоа е уште една лоша порака за останатите новинари кои ги истражуваат врските на бизнисот, политиката и криминалот и целосно обесхрабрување на истражувачкото новинарство во земјава.
Слично
