Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЗНМ се надева дека СЈО ќе води покредибилна постапка за Божиновски

ЗНМ се надева дека СЈО ќе води покредибилна постапка за Божиновски

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја поздравува одлуката на Специјалното јавно обвинителство да побара од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да го преземе предметот на новинарот Зоран Божиновски.

Тој од април е во притвор поради сомнение за извршени три кривични дела.  Од ЗНМ се надеваат дека Специјалното јавно обвинителство ќе води покредибилна и поефикасна постапка за случајот на новинарот Божиновски и ќе помогне вистината побрзо да излезе на виделина.

„Се надеваме дека СЈО по преземањето на предметот сериозно ќе ја разгледа можноста да побара укинување на мерката притвор за Божиновски.  Македонија како членка на Советот на Европа има обврска да ја примени Европската конвенција за човековите права и слободи. Сметаме дека македонските власти во случај на Божиновски не ги почитуваат одлуките на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој од земјите потписнички на Конвенцијата бара мерката притвор или затвор против новинар да ја применат само кога тие се обвиниети за тероризам или говор на омраза. За сите други дела Европскиот суд смета дека затварањето на новинари е непропорционална мерка, со која може да се загрози слободата на говорот и слободата на медиумите“ - велат од ЗНМ. Според нив, апсењето на Божиновски е политички мотивирано затоа што власта ги злоупотребува законите и институциите неосновано да ја ограничи слободата на медиумите. Сметаат дека Божиновски е притворен со единствена цел да се спречи да објавува нови коруптивни скандали против власта.

СЈО вчера од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, го побара предметот против Зоран Божиновски, кој неодамна беше екстрадиран од Србија.

Божиновски е осомничен во случајот „Шпион“, но постапката за него беше раздвоена поради тоа што им беше недостапен на органите на прогон. Тој се товари дека ги сторил делата: злосторничко здружување, шпионажа и уцена.

Слично

Поврзани вести