Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЗНМ: Новиот правилник за телевизиите ќе донесе отпуштања на новинари!

ЗНМ: Новиот правилник за телевизиите ќе донесе отпуштања на новинари!
Здружението на новинарите на Македонијаизразува несогласување со новиот Правилник за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за телевизиско и радио емитувањe, во кој Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги не ги прифати амандманите на ова здружение. Со новиот Правилник на приватните национални телевизии со терестријална дозвола од општ формат им се намалуваат обврските во однос на кадровското екипирање со што бројот на вработените од 100 се намалува на 80, од кои 30 треба да бидат новинари. „ЗНМ смета дека ваквото намалување на бројот на вработените во националните телевизии е неоправдано затоа што најголем дел од нив остваруваат профит. Нејасно е зошто досега Агенцијата ги толерирала националните телевизии кои што не ги исполнувале условите за кадровско екипирање“, стои во соопштението. Ставот на ЗНМ и на членот на Советот на Агенцијата предложен од ЗНМ, Зоран Фидановски, било да остане постојното решение во Правилникот според кое приватните национални телевизија имаат обврска да вработат 100 вработени со 30% новинари. Освен тоа ЗНМ предложило секоја национална телевизија задолжително да има најмалку 6 дописнички центри во Македонија со барем двајца вработени еден новинар и еден снимател во редовен работен однос. Со тоа телевизиите ќе создадат предуслови за покривање на теми од локално значење и со тоа ќе ја збогатат информативна програма на телевизиите и ќе ја зголемат гледаноста на овие медиуми во внатрешноста на земјата. „ЗНМ стравува дека со одбивањето на овие предлози Советот на Агенцијата за медиуми дава можност националните медиуми да отпуштаат од работа новинари и технички кадар. Агенцијата за медиуми како регулатор ја пропушти шансата да влијае на воспоставување на ефикасен систем на дописничка мрежа во националните телевизии кои не треба да се фокусираат само не теми поврзани со главниот град туку треба да известуваат и за теми од локално значење“, нагласува новинарското здружение.
Слично

Поврзани вести