ЗНМ бара од Мијалков да се откаже од парите добиени со пресуда од Фокус
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) бара од првиот човек на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков да се откаже од паричниот надомест од 6.000 евра што му беше досуден во тужбата за клевета против весникот „Фокус“.
Откако Апелацискиот суд ја потврди пресудата против новинарите Јадранка Костова и Владо Апостолов, ЗНМ констатира дека „Судот ја испушти можноста да донесе праведна одлука, која ќе биде во согласност со Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда и практиката на Европскиот суд за човекови права“.
„Судовите во земјите членки на Советот на Европа, во најголем број случаи кога се работи за клевета на новинар против јавен функционер, изрекуваат симболични надоместоци од едно евро, бидејќи јавните функционери треба да имаат поголем праг на толеранција кон јавна критика, и да бидат задоволни со тоа што судот утврдил клевета. Инсистирањето да се наплати досудениот надоместок ќе биде на штета на новинарите и на слободата на изразувањето“, се вели во соопштението од ЗНМ.
Здружението истакнува дека оваа пресуда ќе фрли дамка врз новата судска пракса која се создава после декриминализацијата на клеветата и негативно ќе се одрази на имиџот на земјата во светот, поврзан со слободата на изразувањето.
Слично
