Знаете ли што ги привлекува најмногу кинеските туристи во Хрватска?
Прекрасно море, плажи, национални паркови, културно-историски споменици - ова го наведуваат туристите од целиот свет како нивни впечатоци од Хрватска. Но, не и Кинезите.
Оваа година, бројот на кинески туристи во Хрватска се зголемил за 5% во однос на лани. Ги разгледуваат убавините на земјата, но едно место не го одминуваат - Кумровец, родното место на Јосип Броз Тито.
Кумровец годинава го посетила и делегација на петте најголеми кинески туроператори, кои се заинтересирани да се воспостави директна авиолинија меѓу Хрватска и Кина.
Според плановите на туроператорите за догодина, кинеските туристи во Хрватска би имале осумдневна програма, која би вклучувала посети по еден ден на Дубровник, Сплит, Задар, Плитвичките Езера, Загреб и секако - Кумровец.
Ваквиот интерес се објаснува со фактот што со ликот на Тито кинеските граѓани биле запознаени уште во нивното детство. „Кинезите се импресионирани од Тито, особено оние родени пред 80-тите години. Тито во Кина е симбол на херој и државна независност“, вели Ју Џијанвеи, директор на еден од најголемите туроператори во Кина.
Според светската статистика, кинеските туристи се пожелни насекаде во светот, бидејќи освен што се многубројни, трошат колку сите останати туристи заедно. Во просек, еден кинески турист за само еден шопинг троши меѓу пет и шест илјади евра.
Слично
