Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЗНАЧИТЕЛЕН РАСТ НА СТРУЈАТА ДОБИЕНА ОД СОНЦЕ – хидроцентралите потфрлаат, но и ТЕЦ Неготино повторно „паузира“

ЗНАЧИТЕЛЕН РАСТ НА СТРУЈАТА ДОБИЕНА ОД СОНЦЕ – хидроцентралите потфрлаат, но и ТЕЦ Неготино повторно „паузира“

Расте потрошувачката на струја преку отворениот пазар, но и на енергијата добиена од обновливи извори особено од сонцето, што дури почна да предизвикува и нивно исклучување од мрежата.

Најновиот извештај на Регулаторната комисија за енергетика вели дека минатата година скоро половина од вкупната потрошувачка на електрична енергија, односно 49,84 отсто од потребите се обезбедени на отворениот пазар. Во овој процент влегуваат и загубите на електрична енергија во електропреносната мрежа, односно во електродистрибутивните мрежи. Има раст во споредба со 2023 година кога достигнал 48,2 проценти, додека во 2022 година бил 47,3 отсто. Ова според регулаторите е резултат на постепеното враќање на довербата во снабдувачите со електрична енергија и поповолните понуди.

-  Во 2024 година продолжи интересот за инвестирање во обновливи извори на енергија што доведе инсталираната моќност на електроцентралите од обновливи извори на енергија да учествува во вкупниот инсталиран капацитет со 55,72 проценти. Во вкупното производство на енергија учествуваат со 41,03 отсто.

Домашното производство на електрична енергија учествува со 88,97 отсто во бруто потрошувачката на електрична енергија, додека 11,03 проценти се обезбедени од увоз – се посочува во извештајот на РКЕ.

Притоа е напоменато дека најголем раст во производството на струја има кај фотонапонските електроцентрали, и тоа од 186 отсто во 2024 година споредено со 2023 година, кое изнесува 853 Гигавати (GWh). Само во 2024 година се изградени нови електроцентрали со инсталирана моќност од 351,3 мегавати (MW).

-  Во Македонија во 2024 година, во електропреносниот и електродистрибутивниот систем се влезени вкупно 9.089 Гигавати енергија што е за 5,93 отсто помалку од 2023 година. Во 2024 година вкупното домашно производство изнесува 6.129 Гигавати и е за 424 Гигавати помало споредено со производството во 2023 година, односно истото е за 6,47 проценти помало во споредба со 2023 година, но за 8,79 отсто поголемо во споредба со 2022 година– укажуваат регулаторите.

Намалувањето на производството на енергија во 2024 година се должи на намаленото производство на термоелектроцентралите, неработењето на ТЕЦ Неготино, како и на намаленото производство на хидроелектричните централи, и покрај големото производство на струја од фотонапонските централи.

-  Производството на енергија од обновливи извориво 2024 година изнесува 2.516 Гигавати, и е зголемено за 16 отсто во однос на 2023 година, односно зголемувањето е за 343 гигавати. Нето потрошувачката на електрична енергија на крајните потрошувачи во 2024 година изнесувала 5.897 гигавати, за 116 гигавати поголема споредено со 2023 година, односно 2,01 отсто – се потенцира во извештајот.

Вкупните загуби на електрична енергија во електропреносниот систем и електродистрибутивните системи во 2024 година изнесуваат 993 Гигавати, што претставува зголемување за 37 гигавати, односно за 3,87 отсто во однос на 2023 година.

Бруто потрошувачката на електрична енергија, што ја вклучува нето потрошувачката на електрична енергија и загубите на електрична енергија за 2024 година, изнесува 6.889 гигавати, што е зголемување за 151 гигавати од 2023 година, односно 2,24 проценти.

 Во 2024 година 88,97 отсто од бруто потрошувачката на енергија е обезбедена од домашно производство, додека 11,03 проценти се обезбедени од увоз.

За потсетување, за велигденските празници поради поголемо производство на струја од фотоволтаичните централи, надлежните ги исклучиле од мрежата, а истото се планираше и за првомајските празници поради големото производство а намалената потрошувачка во неработните денови. 

П.О.

Слично

Поврзани вести