Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЗНАЧИТЕЛЕН ПАД НА ЕНЕРГИЈАТА ДОБИЕНА ОД НУКЛЕАРКИ: Европска унија „цврсто“ на патот кон зазеленување

ЗНАЧИТЕЛЕН ПАД НА ЕНЕРГИЈАТА ДОБИЕНА ОД НУКЛЕАРКИ: Европска унија „цврсто“ на патот кон зазеленување

Европскиот статистички центар открива дека користењето на нуклеарната енергија е значително намалена во текот на 2022 година. Како што соопшти „Евростат“, во 2022 година, 13 земји од ЕУ со производство на нуклеарна електрична енергија создале 609.255 гигават часови (GWh) нуклеарна електрична енергија. Според нивните податоци, во споредба со 2021 година има намалување од високи 16,7 проценти на нуклеарната енергија искористена за електрична енергија.

-  Ова е најниското ниво регистрирано во периодот од 1990 година, прва година за која се достапни споредливи податоци за сите земји на ЕУ. Сепак, нуклеарните централи учествуваа со над една петтина или 21,8 отсто од вкупното производство на електрична енергија во ЕУ – се наведува во анализата на „Евростат“.

Од европскиот статистички центар посочуваат дека ваквото намалување на нуклеарната енергија во голема мера се должи на одржувањето и поправките на реакторот во најголемиот производител на нуклеарна енергија во ЕУ – Франција, но и на затворањето на нуклеарките во Германија.

-  Во 2022 година, француските нуклеарни централи произведоа 84.630 GWh помалку електрична енергија или -22 отсто отколку во 2021 година. Дополнително, на последниот ден од 2021 година Германија трајно затвори три од своите реактори, преполовувајќи го своето производство на нуклеарна енергија (од 69.130 GWh во 2021 до 34.709 GWh во 2022 година). Во септември 2022 година беше затворен и реактор во Белгија. Со овие четири исклучувања и еден нов реактор во Финска, имаше 103 оперативни нуклеарни реактори во ЕУ на крајот на 2022 година, во споредба со 106 на крајот на 2021 година – појаснуваат од „Евростат“.

Во анализата се прецизира дека во текот на 2022 година, Франција произведе речиси половина од вкупната нуклеарна енергија на ЕУ или 48,4 проценти, што всушност изнесува 294.731 гигаватчаса. Потоа следува Шпанија со 9,6 отсто од произведената енергија, или 58.590 GWh, а веднаш зад неа е Шведска која обезбедила 8,5 проценти од нуклеарната енергија во унијата, што всушност изнесува 51.944 гигаватчаса. После неа следува Белгија која произвела 7,2 проценти од енергијата од нуклеарки или 43.879 GWh . Овие четири земји заедно произвеле 73,7 отсто од вкупната количина електрична енергија од нуклеарни извори во ЕУ.

-  Франција остана земјата на ЕУ која најмногу се потпира на нуклеарна електрична енергија, која претставуваше 62,8 отсто од целата електрична енергија произведена во земјата во 2022 година. Единствената друга земја на ЕУ со повеќе од половина од својата електрична енергија произведена во нуклеарните централи беше Словачка која произведува 60,2 отсто. Меѓу земјите кои користат нуклеарна електрична енергија, Холандија со 3,4 проценти и Германија со 6 отсто забележаа најниски удели – посочува ЕУ. 


Слично

Поврзани вести