Значајно зголемен промет од тргување со акции во Q1 2020 година
Прегледот на тргувањето во Q1 2020 година на Македонска берза покажува значајно зголемен промет од тргување со акции во Q1 2020 година.
Изразени ценовни флуктуации и пад на вредноста на МБИ10 и промени на дневните ценовни ограничувања и воведување на нов механизам за
автоматско стабилизирање на ценовните движења.
„Вкупниот промет по сите основи во Q1 2020 година изнесуваше околу 68 милиони евра, што
преставува зголемување од 133% наспроти Q1 2019 година (29 милиони евра), односно
зголемување од 97% во однос на Q4 2019 година (34 милиони евра). Прометот со акции во
БЕСТ системот во овој квартал бележи вредност од околу 41,7 милиони евра и е за 231%
поголем во однос на истата големина во Q1 2019 година, односно 122% повеќе споредено со
Q4 2019 година. Анализата на десетгодишната временска серија на дневниот промет од
тргување со акции во БЕСТ системот покажува дека во последните 10 години дури 5 дена со
најголем промет од тргување со акции во класичното тргување биле токму во март 2020
година (12.03.2020 - околу 2,2 милиони евра, 06.03.2020 - околу 2 милиони евра, 20.03 - близу
2 милиони евра, 18.03 и 13.03.2020 година - околу 1,9 милиони евра и 1,8 милиони евра
респективно)“, објавено е на Македонска Берза.
Македонскиот берзански индекс - МБИ10 во првиот квартал од 2020 година бележи пад од околу 22%.
Доколку се анализира по месеци, после одличната перформанса на индексот во јануари (+5,8%), негативните перцепции за последиците од состојбите поврзани со COVID-19 и движењата на меѓународните пазари во текот на февруари го поништија претходниот раст на МБИ10 (-5%), а само во месец март индексот забележа пад од 22,47%, што преставува втор најголем месечен пад на вредноста на МБИ10 од неговото воведување во јануари 2005 година (поголем месечен пад е регистриран само во октомври 2008 година).
Со оглед на
ваквите ценовни движења вкупната пазарна капитализација на котираните акционерски
друштва на крајот на март 2020 година изнесуваше околу 2,5 милијарди евра и во однос на
крајот на 2019 година бележи пад од околу 16%.
