Златото на Соња од „ТАТ“ никој не го сака?
Пропадна првиот обид за продажба на златото на некогашната сопственичка на штедилницата „ТАТ“ Соња Николовска. Станува збор за речиси 800 парчиња накит од злато, платина со украсни камења, прстени, белезици, ѓердани, обетки и нараквици, а парите од продажбата треба да влезат во стечајната маса за пропаднатата штедилница за да се обесштетат штедачите.
Но, на аукцијата не се пријавил никој да го купи, и покрај шпекулациите дека за златото на Николовска има многу заинтересирани.
„Со оглед на тоа што никој не се пријави ќе има втора аукција, на која златото ќе биде повторно понудено на продажба по истата цена. И покрај тоа што постои законска можност на втората продажба вредноста на златото да се намали до една третина, ние по барање од одборот на доверители и на втората продажба златото ќе го понудиме по истата проценета вредност, која изнесува 8.088.210 денари или околу 130.000 евра“, вели стечајниот управник на ТАТ Душко Јанкуловски.
Златото се продава во пакет, а Николовска до последен момент се бореше судски да го задржи накитот, тврдејќи дека се работи за семејно наследство. Но, Врховниот суд по 17 години судски спорови пресече дека овој накит припаѓа на стечајната маса.
Слично
