ЗК „Пелагонија“ за протестот: Платите доцнат само 12 дена
По протестот на работниците во земјоделскиот комбинат “Пелагонија” во Битола за неисплатени плати, се огласи финансискиот директор Павле Цветаноски по состанокот со вработените. Тој посочи дека кредитор вонредно им повлекол два милиони евра кои биле наменети за исплата на платите.
„Најголемиот земјоделски комбинат во Република Македонија, ЗК Пелагонија, во моментов сите свои тековни обврски ги извршува успешно. Имено, во овој период од годината кога е завршена есенската сеидба, работиме на пролетната прихрана и набавуваме хибриди за новата пролетна сеидба, комбинатот е изложен на голем број трошоци кои што се приоритет, како би можел да продолжи производниот процес од кој што зависи целата држава. Финасискиот трошок во овој период изнесува 3 до 4 милиони евра, или поединечно: пролетните хибриди кои што веќе се набавени го чинеа комбинатот 1.000 000 евра, заштитата 1.200 000 евра и прихраната на есенската сеидба 1.000 000 евра. И во минатото и денес, ЗК Пелагонија беше и сеуште е финансиски стабилна. Одредените проблеми со кои што се соочи, беа директно предизвикани од Стопанска банка Скопје која што наплати 2.000 000 евра недоспеани кредити. Во превод, ова значи дека 10 плати на нашите работници, беа предвреме земени“м изјави Цветаноски.
Тој ги демантира тврдењата дека платите се минимални во комбинатот и дека само трактористите добиваат приход од 25.000 до 40.000 денари и ги повика работниците да не го запираат производниот процес, бидејќи така ќе се претрпи уште поголема штета.
„Просечната плата на нашите вработени изнесува 550 евра. Затоа, ние како раководни лица, проблемот со доцнењето на платите, се обидуваме да го надминеме на најлесен можен начин, без притоа инцидентно да носиме одлуки кои што на долг рок негативно ќе влијаат врз иднината на Комбинатот или на нашите вработени. Штрајкот на работниците е легитимно право во секоја работна организација. Па така и во нашата. И никој ова право не го оспорува. Но она што мораме да го знаеме и ние но и нашите вработени, е дека производниот процес не смее да застане. Треба да бидеме свесни дека ЗК Пелагонија е комбинат од кој што зависи функционирањето на целата држава“, вели финансискиот директор.
Од таму најавуваат дека февруарската плата за работниците ќе биде исплатена во следните два до три дена.
„Без разлика на тензијата која што се обидуваат да ја внесат дел од македонските медиуми, доцнењето на февруарската плата е 12 дена. Со сите сили и со се што е во наша моќ, се трудиме да го надминеме секое и најмало доцнење, но од друга страна и да ги задржиме сите вработени на број затоа што сме свесни дека цели семејства живеат од финансиските надоместоци на ЗК Пелагонија кон наши вработени“, се додава од менаџментот.
Вработените претходно реагораа дека компанијата има долг кон банките од 23 милиони евра и дека тие се изненадени како еден ваков земјоделски гигант, со големо производство на млеко, жито и други прехранбени продукти, субвенции, стига до ситуација да прикажува загуби.Вработените се пожалија дека три години се без К-15, а не добиваат ниту општествена храна.
