ЗК „Пелагонија“ остварила добивка од над половина милион евра за три месеци!
Добивката е резултат на суфицит од 47 милиони денари во ставката „останати оперативни приходи“
ЗК „Пелагонија“, најголемата земјоделска компанија во земјава, во првите три месеци годинава бележи добивка од 35,5 милиони денари (576.400 евра) која не е резултат на основната дејност туку на реализација во ставката „останати оперативни приходи“, покажуваат податоците од неревидираниот квартален извештај што деновиве го објави оваа битолска компанија. Во таа ставка компанијата прокнижила приход од 47,3 милиони денари што било пресудно за позитивниот финансиски квартален резултат на оваа компанија.
Според објавените податоци компанијата за првите три месеци има 116,1 милиони денари приходи од продажба што претставува пад на приходите од продажба од 11 отсто односно 15 милиони денари во споредба со истиот период лани. Доминантно учество на приходната страна имаат приходите од продажба на домашен пазар и на нив отпаѓа над 97 отсто од сите приходи од продажба. Во споредба со истиот период лани оваа компанија изгубила 16,3 милиони денари или 13 отсто од продажбите на домашниот пазар.
Во овој период паралелно со падот на приходите од продажба паѓале и расходите на компанијата. За првиот квартал тие изнесуваат 161,2 милиони денари и во споредба со истиот период лани се пониски за 16,2 милиони денари. Сметководствено гледано, според билансот на успех, заштедата е направена единствено кај ставката „трошоци за суровини и други материјали“ каде трошокот во првиот квартал годинава е двојно понизок од истиот направен лани. Годинава за таа намена се потрошени 29,5 милиони денари, а лани за истиот период биле потрошени 62,9 милиони денари. Најголема расходна ставка на оваа компанија се трошоците за вработените и тие изнесуваат речиси 65 милиони денари и се повисоки за речиси 5 милиони денари од првиот квартал лани. Кај амортизацијата трошокот е зголемен за 22 отсто или 4,1 милиони денари повеќе од лани. Значајно зголемување има и кај ставката останати расходи од работењето и тој изнесува 336 отсто односно 10,5 милиони денари повеќе од истиот период лани.
ЗК „Пелагонија“е компанија чија основна дејност е земјоделското производство, овоштарство и лозарство. Компанијата се занимава со производство на житни култури, одгледување на ситен и крупен добиток, сточарско производство, рибарство, овоштарство, лозарство, како и транспорт и дистрибуција на производите. Компанијата лани остварила добивка од 4,4 милиони денари на приход поголем од 1 милијарда денари.
ЗК „Пелагонија“ е еден од најголемите корисници на земјоделски субвенции што ги дава Владата затоа што поседува или има на плодоуживање и на концесија големи површини земјоделско земјиште во Пелагонија. Најголеми акционери се: „Орка холдинг“ со 19,99 отсто од акциите со право на глас, „Ексико“ со 19,97 отсто од обичните акции, „Тимох“ со 19,94 отсто од акциите, „Жито Полог“ со 11,74 отсто и „Пелагонија Полог“ со 6,17 отсто од капиталот.
Според евиденцијата на Централниот депозитар за хартии од вредност уште 743 акционери – домашни физички лица поседуваат околу 17,2 отсто од акциите со право на глас, а вкупно 47 странски правни и физички лица поседуваат околу 2,5 отсто од управувачките акции. Битолската агро-компанија е најголем поединечен акционер во „Жито Полог“ Тетово каде поседува 37,5 отсто од капиталот. Битолската компанија поседува и 9,2 отсто од акциите со право на глас и во најголемата скопска компанија за производство на леб, брашно и пецива „Жито Лукс“.
Р.Ф.
