Економија, финансии, бизнис

Контакт

Животната средина е поважна од профитот

Животната средина е поважна од профитот

Црвени линии во кредитирањето, затоа што не е се во профитот. Анализата на Фактор покажа дека малку банки во земјава имаат ограничувања во поглед на одобрувањето кредити, ако станува збор за финансирање проекти чиј ефект врз животната средина е дискутабилен. Во ПроКредит банка, која, за разлика од другите го почитува концептот за финансирање, ама со заштита на животната средина, веќе имаат неколку типови дејности или инвестиции кои не се кредитираат. Меѓу нив се и инвестициите во заштитените зони, во дејностите за игри на среќа, тутунската индустрија, воената индустрија, трговијата на дивеч... Само оваа година заради нивната принципелност се откажале од финансирање на близу 10 милиони евра во финансиски успешни проекти на клиенти кои планирале да инвестираат во заштитена зона.

„Инвестициите во заштитени зони се само една од дејностите кои не ги финансираме и постапката за деловна соработка ја прекинуваме уште во првиот момент кога проверуваме каде се наоѓа активноста или каде се планира да се реализира и само доколку клиентот покрај сите наши аргументи инсистира да гради во овие зони.На сличен начин пристапуваме кога станува збор и заостанати дејности како на пример игрите на среќа, тутунска индустрија, производство на пластични производи за еднократна употреба, подземни ископувања, воената индустрија, ловишта, трговија на дивеч и други, вели Методија Миноски раководител на одделот за животна средина во ПроКредит банка.

Објаснува дека врз база на меѓународни конвенции и во соработка со локалните власти во земјите од Европа е направено мапирање на локациите со исклучителна значајност по однос нa биоразновидноста, а токму тие се користат и при проверката што банката ја прави кога се носи првичната одлука за тоа дали ќе се финансира проектот или не. Миноски вели дека поради тоа што овие региони обезбедуваат заштита на животинскиот или растителниот свет, културното историското наследство или станува збор за комбинација на заштита на флора и фауна истовремено, за нив, не се поле на интерес.

„Секаков тип на деловна активност или нова инвестиција во една ваква средина или во нејзина непосредна близина може да го стави под знак прашање природниот баланс кој постои и кој е предмет на заштита. Кај нас меѓународно дефинираните заштитени зони, за жал, не се во целост преточени во локалната регулатива. Ова значи дека соодветните органи можат да издадат градежна дозвола и инвестицијата во заштитената зона да биде легална. Меѓутоа за нас во ПроКредит почитувањето на локалната регулатива е неопходен, но не и доволен критериум кога станува збор за проценка на некоја инвестиција од аспект на еколошката прифатливост, вели Миноски.

Во пракса, освен проверката на мапите и достапните податоци се проверуваат сите деловни локации и потенцијалните инвестициски локации. Во ситуација кога клиентот работи или планира инвестиција во некоја од најчувствителните категории на заштитени зони од типот на строг природен резерват, Национален парк, Споменик на природата или живеалиште на специфични видови, како што вели Миноски, не се почнува со соработката. Ако стане збор за потенцијална инвестиција на постоечки клиент, тој се информира за еколошките ризици и банката инсистира да се реaлоцира или да се откаже инвестицијата.

„Доколку станува збор за останата категорија на заштитена зона како што се Емералд, Натура 2000, Унеско или Рамсар правиме соодветна проценка на типот на инвестицијата или дејноста на клиентот и она што е предмет на заштита во зоната. Оваа проценка потоа ја рефлектираме во соработката со клиентот при штодоколку е потребно дефинирамедополнителни услови за митигирање на социо-еколошките ризици, како условпред исплата на кредитот како на пример: поставување на прочистителна станица за отпадни води, управување со отпадот и негово соодветно одлагање на овластени компании, мерење на степенот на аеро загадување и бучава или примена на мерки за безбедност и здравје при работа. Слично постапуваме и во фаза на изведба на инвестицијата и во периодот додека трае отплатата на кредитот каде преку редовен мониторинг ја следиме реализацијата на договорените социо-еколошки кредитни услови, вели Миноски.

Инаку од локациите во Македонија кои не посакувани за инвестиција односно за финансирање во ПроКредит банка се трите национални паркови и Шар Планина како четврти во блиска иднина, како и заштитени локации со исклучителна еколошка важност како на пример Водно, Катлановскиот предел, Моноспитовско Блато, Кањонот Матка, Вевчани, Езерани Преспа и крајбрежјата на природните езера. Во нив, од друга страна во земјава се почесто има деловна активност и стануваат доста интересни за инвестиции. При изведувањето на проектите неретко се сече шума, се пренасочуваат речни корита или прекумерно се користи водениот потенцијал, сето тоа предизвикува исклучителна штета за природата. Миноски вели дека често клиентите и потешко разбираат зошто банката не сака да финансира проект кој впрочем е легален. Средствата најчесто ги бараат успешни компании, кои дополнително инвестираат во градежништвото, во турзмот или во мали хидро електрани во некоја од националните паркови или други заштитени зони.

„Секако дека во услови кога инвестицијата во заштитени зони е формално легална активност, не е едноставно да се наиде на разбирање од страна на сите клиенти, заради што се случува да изгубиме потенцијален клиент или да прекинеме соработка со клиенти со кои сме соработувале претходно долги години. Свесни сме за деловните последици кои со ваквите позиции ги трпиме но сметаме дека преку ваквиот начин даваме придонес за општествено одговорно и одржливо работење на нашиот пазар, објаснува Миноски.

Вели дека сепак има и позитивни примери, но дека свесноста се развива бавно. 

A.T.


Слично

Поврзани вести