Економија, финансии, бизнис

Контакт

Живнаа кината, ќе се отвараат нови, но ќе се врати ли публиката од половина милион?

Живнаа кината, ќе се отвараат нови, но ќе се врати ли публиката од половина милион?

Бројот на кино сали во Македонија постојано опаѓа, и многу големи градови низ државата немаат проекции на најновите филмски остварувања, додека некои платна воопшто не проработија повторно и покрај олеснетите мерки против Ковид-19.

Во време кога се изгради нов мега трговски центар со најава за отворање на нов кино комплекс, правиме преглед на бројот на посетители на кино проекции, како во годината во која се отворија повторно кино салите, така и во годините наназад кога немаше пандемија.

Две големи кина и градови без платно

Една од најдобрите години за љубителите на филмската уметност во Македонија е 2015-та кога се продале речиси 530 илјади кино билети. Бројката од над половина милион гледачи не е постигната никогаш претходно, ниту во годините кои ќе следат и покрај солидната понуда на филмски блокбастери.

Рекордна бројка на продадени кино билети е постигната во 2019 година, или една година пред коронавирусот да го парализира општеството. Тогаш се чинеше дека иднината е безгрижна со фантастични филмови како римејкот на „Кралот лав“, последниот дел од сагата за „Одмазници'“, третото продолжение на „Луѓе во црно“ и последно со Вил Смит, како и продолженијата на детските хитови „Фрозен“ и „Приказна за играчките“.

Инаку големи градови како Куманово, Тетово, Струмица, Прилеп, и други воопшто немаат ниту едно кино. Најдобро работи битолското кино, каде во минатата година имало публика од над 22.000, а делеку послаба продажба на билети има во Гевгелија, Штип и Охрид.

Не секогаш е крива пандемијата

Во 2010 година, или една година по промоцијата на Аватар најгледаниот филм на сите времиња, во македонските сали се свртеле 154 илјади гледачи. Овие бројки се многу слични како и во „пандемиската“ 2021 година, што значи дека интересот на гледачите се зголемувал низ последните петнаесетина години и покрај подемот на домашното кино и стриминг платформите како Нетфликс, ХБО и Дизни кои самите снимаат и емитуваат филмски блокбастери за сметка на кино премиерите.

Веќе во 2012 година со отворањето на најголемиот приватен кино комплекс и зголемување на капацитетот за кино проекции, публиката пораснала за повеќе од една третина. Во една од најдобрите години за филмската индустрија кога истовремено се прикажаа хитови како „Одмазници“, „Подемот на Темниот витез“, „Џејмс Бонд: Скајфол“, „Неверојатниот Спајдармен“ и „Хобитот“ македонската публика купила речиси 300.000 билети.

Живот во блокбастер

Оваа 2022 година треба да означи враќање на светот и животот во нормала, по речиси три години на затвореност, ограничувања, здравствена и општествена криза.

Гледајќи според претстојната филмска понуда, публиката има простор за оптимизам, а филмската индустрија се надева на рекордни бројки. Студијата сите филмови кои ги одложуваа со години конечно, годинава ќе ги претстават пред фановите.

Веќе се прикажа новиот Бетмен кој прв воодушеви, а следат новиот Аватар, Доктор Стрејнџ, Џурасик Ворлд, Невозможна мисија, Флеш и уште многу други. Прогнозите се дека светскиот бокс-офис ќе вреди 31,5 милијарди американски долари, или три пати повеќе отколку претходните години, и тоа се базира на умерени прогнози, односно се ќе зависи од глобалните настани како развојот на пандемијата, ценовната криза и војната во Украина.

Х.С.

Слично

Поврзани вести