Жито Лукс со добивка од 33,8 милиони денари во 2025 година – инвестиции од 95 милиони денари и намалени кредити
Компанијата за производство на брашно, леб и бели пецива Жито Лукс АД Скопје во 2025 годинасогласно последниот извештај објавен на Македонска берза успеале во текот на минатата 2025 година да оставари позитивни финансиски резултати.
Како што посочуваат во извештајот, годината беше обележана со успешно лансирање на нови производи во сите три категории на леб – високо протеински тост леб, традиционални лебови под брендот „Фурнаџиски“ и нов производ во категоријата 100% интегрален леб.
Добивката пред оданочување изнесува 33,8 милиони денари (околу 550.000 евра) и е за 13% повисока во однос на планираното за 2025 година. Бруто-профитната маржа од 33% укажува дека профитабилноста на компанијата е на посакуваното ниво.
Од 1 јануари 2025 година, компанијата го применува новиот Правилник за водење сметководство според МСФИ. Промената се однесува на примената на МСФИ 16 „Лизинг“, кој го заменува МСС 17 „Лизинг“. Најзначајното влијание е признавање на право на користење на средства и обврска за лизинг за возилата на компанијата, кои претходно биле третирани како оперативен лизинг.
Продажбата во водечките сегменти – специјален леб и тост – е зголемена за 4%, што укажува дека портфолиото успешно одговара на пазарните потреби и ја поддржува стратегијата за подобро позиционирање.
Останатите оперативни приходи се зголемени, главно поради продажба на средства расположливи за продажба, во рамки на програмата за отуѓување на деловни објекти од дисконтинуирано работење.
Трошоците за производство се зголемени за 2,8%, како резултат на повисоките цени на пченицата, енергијата, останатите суровини и растот на платите.
Оперативните трошоци изнесуваат 390 милиони денари (околу 6,34 милиони евра) и бележат благо намалување во споредба со минатата година.
Во 2025 година реализирани се инвестиции во износ од 95 милиони денари (околу 1,54 милиони евра), насочени кон модернизација и унапредување на производствените капацитети.
Кредитната изложеност на крајот на годината е намалена за 12% во однос на 31 декември 2024 година. Банкарските кредити се намалени за 49 милиони денари (околу 797.000 евра), што укажува на редовно и навремено сервисирање на обврските. Каматните стапки остануваат непроменети во однос на претходната година.
Жито Лукс продолжува со зајакнување на односите со потрошувачите преку развој на нови производи и свежи иницијативи. Компанијата останува посветена на поддршка на вработените и подобрување на деловните процеси, со фокус на инвестиции и оптимизација во основната дејност – производството.
Менаџментот најавува континуирани вложувања и стратешки чекори насочени кон стабилен раст и одржување на профитабилноста и во наредниот период.
