„Жито Лукс“: Пола од добивката оди за камати на банките !
Оперативната добивка е 50 милиони денари и е за 500 отсто повеќе од истиот период лани, но трошокот за камати на кредитите ја преполови до износ од 23,5 милиони денари
Најголемата скопска компанија за производство на леб, брашно и печива „Жито Лукс“ на крајот на септември има оперативна добивка од 50,3 милиони денари што е за пет пати подобар резултат во споредба со истиот период лани, покажуваат официјалните податоци од билансот на успех што го објави таа компанија деновиве.
Имено оперативната добивка во целот е резултат на солидниот раст на приходите од продажба на „Жито Лукс“ во третиот квартал годинава. Продажбите во летниот период изнесуваат 280,4 милиони денари и се за 100 милиони денари повисоки од просечната квартална продажба на таа компанија за претходните две тромесечја. Во овој квартал компанијата има трошоци за производство и за продажба во износ од 175 милиони денари што е резултат во рамки на кварталниот просек за претходните две тромесечја.
Токму оваа разлика од 100 милиони денари е главниот причинител за тоа оперативната добивка на компанијата, на ниво на девет месеци да биде 50,3 милиони денари и да биде за 500 отсто односно за 5 пати повисока од оперативната добивка во истиот период лани. Важно е да се истакне тоа што „Жито Лукс“ во овие девет месеци бележи благ пад на приходот од продажба за 5 отсто во однос на лани, а тие изнесуваат 793,3 милиони денари. Иста тенденција има и кај приходите од продажба на домашен пазар кои изнесуваат 765 милиони денари и бележат пад за 5 отсто во однос на истиот период лани.
Од билансите се гледа дека компанијата годинава успеала солидно да управува и со кратењето на трошоците на продадени производи и услуги, Тие за првите девет месеци изнесуваат 518,4 милиони денари и се за 14 отсто пониски во однос на трошоците за продадени производи и услуги лани.
Од споредбата на трошоци по квартали е воочливо дека компанијата успева да одржи рамномерно ниво на нивен раст во тек на сите три квартали, а при тоа во последниот односно во третиот квартал успеала да ја зголеми продажбата за 280 милиони денари што е за 26 милиони денари подобро од просекот на квартална продажба за првите две тромесечја годинава. Токму овде треба да се бараат причините за солидниот раст на оперативната добивка на компанијата.
За камати „Жито Лукс“ платил над 440.000 евра за девет месеци!
Еден од големите предизвици на „Жито Лукс“ останува неговата кредитна изложеност. Годинава за првите девет месеци компанијата платила 27,4 милиони денари за камати. Во последниот квартал за таа намена компанијата платила 9,3 милиони денари. Тоа значи дека по квартал „Жито Лукс“ плаќа нешто помалку од 150.000 евра само за камати на банките. Позитивно тука е тоа што во споредба со истиот период лани компанијата успеала да го намали трошокот за камати за 8 отсто односно за 2,5 милиони денари. Не е добро тоа што трошоците за камати ја преполовиле добивката на „Жито Лукс“ и таа изнесува 23,5 милиони денари.
Р.Ф.