Економија, финансии, бизнис

Контакт

Жителите на Блатец со народна стража ја бранат Блатечка Река од изградба на мала хидроцентрала

Жителите на Блатец со народна стража ја бранат Блатечка Река од изградба на мала хидроцентрала

Жителите на виничкото село Блатец организираа народна стража покрај Блатечка Река, со цел да спречат изградба на нова мала хидроцентрала. Тие велат дека започнуваат уште една битка – за зачувување на питката вода од која се снабдува селото, но и за заштита на животната средина.

„Ќе настане еколошка катастрофа затоа што растителниот и животинскиот свет во тој дел на реката ќе биде уништен. Најголем проблем е што на средината на тој цевковод е зафатот за нашиот водовод од кој ние пиеме вода“, изјави Блаже Акиевски, жител на селото.

Инвеститор на проектот е компанијата „Енерџи Лукс“ ДООЕЛ Кочани, која планира изградба на хидроцентралата „ХЕЦ Блатешница“ со инсталирана моќност од 606 kW. Концесијата е доделена уште во 2013 година, а привремениот статус на повластен производител на електрична енергија од обновливи извори, со решенија на Регулаторната комисија за енергетика, се обновува речиси секоја година. Со последната одлука на Владата, рокот за започнување на изградбата е продолжен до 7 март 2026 година.

Од Владата изјавиле дека продолжувањето се темели на информации од ресорните министерства за животна средина и за енергетика. Хидроцентралата е предвидена да се гради на локација бр. 349 на водотекот на Блатечка Река (КО Блатец, Општина Виница).

Општина Виница поднела тужба против компанијата, но Вишиот управен суд ја одбил како неоснована. Со тоа се отвора можност концесионерот да започне со градежни активности. Според неофицијални информации, тужбата се однесувала на наводи дека инвеститорот не ја посочил точно локацијата на зафатот, односно дека хидроцентралата се наоѓа на трасата на главната водоводна цевка во селото.

Градоначалникот на Виница, Митко Костадинов, најави средби со Министерството за животна средина, Министерството за енергетика и со РКЕ, со цел да се разгледаат забелешките на жителите. Од надлежните институции најавуваат дополнителни информации во наредниот период, додека компанијата „Енерџи Лукс“ засега не одговорила на барањата за коментар.



Слично

Поврзани вести