Економија, финансии, бизнис

Контакт

Жулиет Бинош – најголема ѕвезда на црвениот тепих на „Браќа Манаки“

Жулиет Бинош – најголема ѕвезда на црвениот тепих на „Браќа Манаки“
Специјална гостинка на јубилејното 35-то издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола ќе биде оскаровката Жулиет Бинош. Ѕвездата на француската, но и на светската филмска сцена ќе престојува три дена во Битола, ќе одржи мастер клас на фестивалот и ќе ја прими наградата „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност. Во нејзина чест, фестивалот ќе се отвори со филмот „Облаците на Силс Марија“, во кој таа ја игра главната улога, а кој неодамна се промовираше во Кан и Торонто, соопшти директорката на најпрестижниот филмски фестивал во Македонија Лабина Митевска. Освен Оскар, Бинош во својата филмска кариера е добитничка и на Венецијанскиот лав и на Златната палма од Канскиот фестивал. Оскарот за споредна женска улога го доби за нејзиното остварување во филмот „Англискиот пациент“, а нејзините попознати улоги се и оние во филмовите „Разбојник на покривот“, „Три бои: Сино“ и „Чоколадо“. Бинош е и хуманитарка и поддржувач на организацијата „Репортери без граници“. http://www.youtube.com/watch?v=AI9zjd7snjE Јубилејното 35-то издание на Интернационалниот филмски фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола ќе се одржува од 13 до 19 септември. Добитник на специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност е Лука Бигаци, а добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300“, Англичанецот Крис Менџис. Два македонски филма ќе ги имаат своите  премиери,  „До балчак“ на  Столе  Попов  и  „Децата  на  сонцето“  на  Антонио Митриќески. Вкупно 76 филма во осум категории ќе бидат прикажани на Фестивалот, меѓу кои и омаж на Милчо Манчевски. Годинашниот јубилеј ќе се одвива под слоганот Кон ѕвездите.  
Слично

Поврзани вести