Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЖИВОТОТ НА МАКЕДОНЕЦОТ: Стандардот наречен желба!

ЖИВОТОТ НА МАКЕДОНЕЦОТ: Стандардот наречен желба!
Во последните три месеци вредноста на синдикалната минимална кошница бележи пораст. Според податоците од Сојузот на синдикати на Македонија, минатиот месец на едно четеричлено семејство за да го истурка месецот му биле потребни 32.234 денари, во кои спаѓаат трошоците за исхрана, домување, хигиена, превоз, облека и обувки, култура, здравје. Во вкупнaта поторшувачка кошница, најголемо учество имаат трошоците за храна и пијалоци односно 13.453 денари, а потоа комуналните сметки и одружувањето на домот за што на едно четеричлено семејство во септември му биле потребни 10.387 денари. kosnica Синдикалната минимална кошница во август изнесувала 32.196 денари, а во јули 32.182 денари. Од друга страна просечната нето плата изнесува 21.861 денар.Тоа значи дека на едно четричлено семејство под претпоставка дека едниот член зема просечна плата, месечно за да ги подмири основните животни потреби му недостигаат 10.373 денари . Од друга страна  минималната плата годинава изнесува 9.590 денари односно 8.050 денари за текстилците. Според последната  публикација на Државниот завод за статистика “Анкeта за приходи и услови за живеење”, објавена годинава, во 2012 година се зголемил процентот на граѓаните кои со вкупните месечни приходи не можат да ги покријат основните животни потреби, односно вкупно 68,1 отсто од анкетираните се изјасниле дека многу тешко или тешко им стигнуваат месечните приходи за да ги покријат потребите. Процентот на испитаниците кои се изјасниле дека месечните примања им се доволни и лесно можат со нив да ги подмират потребите изнесува само 2,3, отсто. Ниските приходи ја продлабочуваат сиромаштијата Статистичката Анализа за лаекен индикаторите изработена врз основа на висината на приходите на населението и по европски стандарди покажува дека сиромаштијата во 2013-та година се намалила за 2 процентни поени. Според т.н Лаекен индикатор на Државниот завод за статистика, во 2013-та година стапката на сиромаштија изнесувала 24,2 проценти, а во 2012-та била 26,2 проценти. Во апсолутна бројка, пред две години 500.400 луѓе живееле на прагот на сиромаштијата, а претходната 2012-оваа бројка била 540.000 луѓе. Ако се направи споредба со вкупното население кое според пописот од 2002 година е нешто повеќе од  два милиони жители, тогаш повторно се добива резултатот, дека една четвртина од населението во земјава живее во сиромаштија. Според податоците од Светска банка, над 180.000 луѓе во земјава живеат со 40 денари дневно. Според социолозите, загрижува податокот за т.н Gini коефицинет односно мерката за нееднаквост во распределбата на приходите, кој во во 2013-та година изнесувал 37 отсто, и бележи минимален пад од 1,8 процентни поени во однос на 2012-та година. Според аналитичарите овој показател говори дека сеуште е голем јазот меѓу богатите и сиромашните. -Џини коефициентот е сеуште висок, тој говори за една друга ситуација, а тоа е колку економскиот раст е подеднакво поделен во сите општествени структури. Според овој коефицинет ние сме во групата на земјите кои што имаат исклучително висока нерамномерна распределба на приходот, што говори повторно за потребата од нивелирање на можностите за сите видови и на приходни и на демографски и на сите други социјални групации во општеството. Тоа значи тој економски раст што се остварува, однсоно бенефитот или придобивките се гледа дека не е редистрибуиран подеднакво на сите групи во општеството. Зборуваме за нееднаквост од аспект на приходните разлики, односно оние кои што заработуваат најмалку имаат и најмалку пристап до можностите што ги нуди тој економски раст, а бенефит имаат групации кои што имаат многу повисоки приходни групи, и оттаму е оној јаз меѓу оние кои што имаат најниски и највисоки приходи, вели универзитетскиот професор Маја Геровска-Митев.  Од опозициската СДСМ сметаат дека клучно е да се развие средната класа и да се намали нееднаквоста помеѓу граѓаните преку праведна распределба на доходот и извлекување на најзагрозените граѓани од сиромаштијата. За најзагрозените категории на граѓаните  СДСМ преку проектот “Визија за Македонија”, презентираше неколку мерки и решенија за излез од сиромаштијата, преку промени во социјалните трансфери за социјалните случаи, но и за оние што се во ризик да влезат во сиромаштија, пензионерите, децата со и без родители. -Нашата визија е да ја искорениме нееднаквоста. Социјалните трансфери не само што се недоволни туку и не се исплаќаат транспарентно. Ако сте четеричлено семејство кое што прима единствено социјална помош во овој месец и таа сума е 5.700 денари државата ќе ви дополни со плус 6.300 денари за да овој месец имате на располагање 12.000 денари за вас и вашето семејство или да можете минимум од трошоците да ги покриете и со тоа сметаме ќе ги извлечеме граѓаните од сиромаштија. Во 2006 година над 66.000 граѓани примале социјална парична помош.Во 2013-та година за кога има последни податоци социјална помош примаат 31.000 домаќинства, тоа е половина од примателите на социјална помош се укинати.Дали се подобри квалитетот на живот, дали се подигна стандардот на живот во Македонија, дали двојно се зголеми вработеноста?Не, што значи на овие луѓе бесправно им е уканато ова право од страна на државата, изјави Мила Царовска, претседателка на Совет за социјална политика од СДСМ. Во Предлог Буџетот за 2016 година за социјалните трансфери се предвидени над една милијарда евра, а во нив е пресметано зголемувањето на пензиите и социјалната помош за по 5%.Минатиот месец Претседателот на Владата, Никола Груевски, во Њујорк, САД, во своето обраќање на Самитот на Обединетите Нации за одржлив развој, изјави дека Владата активно работа на поддршка на социјално ранливите групи и поттикнувањето на вработувањата. - За социјално ранливите ги зголемивме социјалните трансфери за над 50 отсто, воведени се и зголемени финансиски надоместоци за ранливи категории, а посебно за децата без родителска грижа, а работодавците ги ослободивме од плаќање на давачки за плата за нивно вработување во период од 5 или повеќе години. Преку странските инвестиции и поддршката на приватниот сектор невработеноста во нашата земја е намалена за над 11 отсто. За вработување на млади лица до 35 годишна возраст, државата ги плаќа придонесите за социјално осигурување и персоналниот данок, изјави премиерот Груевски. Стандардот на македонецот е само 35 отсто од стандардот на европеецот Последните Леакен индикатори за сиромаштија  покажуваат пораст на процентот на население кои не можат навреме да си ги платат сметките за комунални услуги и ратти за кредити, и со тој проблем во 2013-та се соочиле 40, 3 отсто од граѓаните , наспроти 39,5 проценти во 2012-та година. Речиси 54 проценти од граѓаните во 2013-та не можеле да се овозможат да платат јадење со месо, риба или вегетаријанска храна два пати во неделата, наспроти 53,2 проценти во 2012-та. Висок е процентот на луѓето кои не можат да си дзволат еднонеделен одмор во текот на годината. Се продлабочува прагот на сиромаштијата кај четиричлените домаќинства каде стапката на сиромаштија е 24,8 отсто, минимален пад е регистриран самохраните родители со стапка на сиромаштија 20,9 отсто и кај домаќинствата со три и повеќе возрасни. Во 2013-та година највисока стапка на сиромаштија од 49,9 проценти е измерена кај домаќинствата на двајца возрасни со три и повеќе издржувани деца. Државните надоместоци ја амортизираат сиромаштијата кај невработените која во 2013 е намалена на 43,7 отсто. Намалување на процентот на сиромаштијата е регистрирано кај оние што земаат пензија и што добиваат социјална помош. Стапката на сиромаштија кај вработените е непроменета и изнесува 11,1 отсто. Според аналитичарите загржива фактот што и натаму е висока стапката на сиромаштија кај децата. Според методологијата на Светска банка за сиромашен човек се смета секој кој живее со помалку од 100 денари дневно. Податоците од Европскиот завод за статистика за паритет на куповна моќ, покажуваат дека стандардот на просечниот македонец изнесува само 35 отсто од стандардот на европеецот, што ја прави Македонија трета најсиромашна земја во Европа. Ј.С
Слично

Поврзани вести