“Живот под стаклено ѕвоно!” АЛАРМ 3 – Борба за чист воздух!
Ангела Илиевска –активистка за здрав живот и иницијатор за формирање на граѓанската иницијатива “Ќе дишеме или ќе издишеме” боледува од редок вид на алергија на многу видови на храна. Таа не смее да јаде компир,морков,домат,целер,риба,морски плодови,млеко,зачини,сите видови на билки и билни препарати, неможе да користи креми и препарати за хигиена на билна база, пасти за заби, не смее да го стави омилениот парфем, ниту облеката да ја испере со прашок за перење и омекнувач. Вели се навикнала на посебен животен режим, но не и на игнорантскиот однос на надлежните кон лицата како не, кои имаат потреба од посебна нега, чист воздух и здрава животна средина.
Алергијата ненадејно и се појавила на 24 годишна возраст и веќе четвртта година е под постојана терапија со антихистаминици и кортикостероиди од кои има како што вели, огромни последици бидејќи постојано го губи калциумот и магнезиумот во организмот. Дополнително од употребата на кортикостероиди и се појавила цистична формација на јајник од неспецифичен карактер за кој мора да се направи оперативен зафат.Докторите, вели Ангела немаат објаснување за нејзината состојба, за тоа како едно здраво дете и активен спортист без фамилијарна историја на болест се соочува со ваков сериозен алергиски проблем. Првично раскажува дека ја лечеле како пациент со желудочен проблем кој преминал во превитување на жолчка, потоа следувало намалување на бубрежната функција, за на крајот самата да открие дека се работи за алергија и по сопствена иницијатива да направи алерго тест.Оттогаш вели почнува нејзината борба...
“Јас имам дипломирано на факултетот за политички науки .По ненадејното појавување на овој тип на алергии јас бев тотално нефункционална ниту за себе ниту за околина.Животот ми беше во стаклено звоно. Во тие моменти морав да се исклучам од сите социјални процеси.Медицината овде не ми го понуди решението напротив само го одолговлечи проблемот.Веќе неколку месеци сум изложена на алтернативен тип на лекување,зрачење со торманиум.Здравствената состојба ми се подобрува и време е да направам нешто за сите "другари по болест" бидејќи нивниот број е се поголем и поголем. Почнав да работам на неколку проекти и моментално сум член на школата за активно граѓанство.Посебно се активирам за проекти од областа на здравството во Македонија”-вели Ангела Илиевска од граѓанската иницијатива “Ќе дишеме или ќе издишеме”.
Младата Ангела која за себе вели дека го живее својот живот како во стаклено звоно, не се откажува од идејата да им помогне на оние кои имаат ист или сличен проблем со нејзиниот. Вели не е првиот ниту последниот случај со вакви здравствени проблеми, но таа сака отворено да зборува за проблемите и да направи сериозен обид да им се помогне на болните кои секојдневно се борат за својот живот.
Алармот за загадувањето и се поголемиот број на заболени од респираторни болести, според статистиките на невладиниот сектор, одамна е вклучен на црвено. Новата граѓанска иницијатива “Ќе Дишеме или Ќе издишеме” за десетина дена го привлече вниманието на јавноста особено откако посочи дека околу 800 000 граѓани имаат проблеми со горните и долните дишни патишта и респираторни проблеми кои сериозно им го загрозуваат здравјето. Тие побараа надлежните да ги обелоденат официјалните бројки на болните пациенти и заедно со нив да се вклучат во надминување на проблемите.
“Во преговори со “За нас се работи” од Битола и “ECO Guerilla” од Тетово одлучивме дека е време да делуваме заеднички.Во време на многу поделби етнички,расни,полови,партиски ние се одлучивме да настапиме човечки.Се одлучивме за единство.Соочени очи во очи со лицето на парадоксот на едната страна - Владата на Република Македонија троши милиони евра пари на граѓаните под превезот “Засади ја својата иднина” и здрава храна, на другата страна сме ние “прваците во Европа” по дишење на загаден воздух. Како иницијатива ги повикавме надлежните јавно да го соопштат бројот на лица заболени од канцер по региони Скопје,Тетово,Битола”-потенцира Ангела.
Според активистите, бројот на пријавени случаи кои имаат проблем со респираторните органи само во 2014та година изнесува 867.517. Додека за некого бројките се само бројки,за нив како што велат борбата за воздух е борба за живот.Она што според нивните статистики треба да го загрижува секој граѓанин е дека бројот на случаи само на деца до шест години со респираторни болести изнесува 282 660 кој предничи пред вкупниот број на лица од 20-59 години а тој изнесува 249 747 .
Граѓанската иницијатива досега вклучи два аларми, едниот со отворено писмо до директорот на клиниката по белодробни заболувања кој според нив ветил изградба на нова клиника која требало да биде пуштена на седумнаесетти септември минатата година. Одговор велат сеуште не добиле. Вториот аларм го упатиле до првите луѓе во Институтот за јавно здравје, од кои активистите побарале јавно да ги обелоденат официјалните бројки на пациентите заболени од респираторни болести и канцер. Но и оттаму немаат одговор.
Денеска “Ќе дишеме или ќе издишеме” го вклучува третиот аларм пред МКЦ
Организаторите велат дека ставањето на економските придобивки на поединци отвориле сериозен проблем со здравјето на жителите на Скопје,Тетово и Битола каде граѓаните секојдневно дишат загаден воздух.
“Бројот на заболени од неоплазма во Тетово само за три години се зголемил за 80%. Жителите на Битола имаа мерни станици кои цели две години не беа во функција.Иако градоначалникот правно се обврза да го реши проблемот и потпиша договор со здружението “За Нас се работи” деновиве не ги почитува податоците кои здружението ги достави од подвижната мерна станица. Жителите на Скопје имаат проблем со непрекинатото сечење на зелената површина. Некој мора да ја понесе одговорноста што жителите на Тетово секојдневно се соочуваат со последици од работата на Југохром, некој мора да ја понесе одговорноста што жителите на Битола имаат високо присуство на PM10 честички во воздухот. Во урбана средина како Синѓелиќ и Маџари во вечерните часови жителите се изложени на палење на бакарни кабли од страна на поединци.Ние не можеме да го запреме дишењето, но мораме да ја обврземе Владата да го запре загадувањето. Сите имаме обврска да се вклучиме во борбата за чист воздух”-порачуваат активистите за здрав живот.
Иако акцијата за здрав живот“Ќе дишеме или ќе издишеме” почна пред извесен период, активистите велат дека секојдневно се соочуваат со притисоци и закани. Но најавуваат дека ќе работат уште поактивно. Нивното заедничко делување поттикнало и нова иницијатива од Валандово каде жителите се противат на отворање на рудник и топилница во селото Казандол. Борбата за чист воздух и здрав живот “Ќе дишеме или ќе издишеме” ќе ја продолжи во повеќето градови низ земјава, а во мај најавуваат голем протест со сите еко здруженија и граѓани кои сакаат здрава и чиста животна околина.
Слично
