Жито Лукс ја зголеми продажбата
Најголемиот производител на леб и брашно во Македонија, „Жито Лукс“ Скопје, во првата половина од оваа година, прикажа зголемени продажби во категориите со високи профитни маржи.
Во минатата година, продажбите на леб беа количински зголемени за четири насто, како резултат на поагресивни рекламни и промотивни активности и збогатување на асортиманот со нови производи со додадена вредност.
Сето ова, вклучително и постојана контрола на трошоците доведоа до пораст на бруто профитната маржа за еден процентуален поен.
Нето продажбите регистрираа пад како резултат на намалување на цените споредбено со истите во 2013 година под влијание на конкурентни пазарни услови, како и поради намалување на обемот на продажбите на секундарната категорија – професионално брашно.
Подобреното управување со производните трошоци доведе до намалување на трошоците на продадени производи за десет отсто или зголемување на бруто добивката за 22 насто, споредено со истиот период минатата година.
Годинава во првите девет месеци оперативната добивка е 10,1 милиони денари, а финансиските расходи се 30 милиони денари. Лани во истиот период финансиските расходи биле 31 милиони денари, а оперативната добивка била негативна и изнесувала 14,3 милиони денари.
Според достапните податоци од билансите на компанијата, акумулираната загуба на „Жито Лукс“ од минатите години значително се намалува, а според бројките од деветмесечниот биланс, се очекува компанијата 2015 година да ја заврши со позитивно салдо.
Обидот за намалување на производните трошоци во 2014 година, како и комерцијалните услови на пазарот во последниот квартал за производите за широка потрошувачка, се солидна основа за позитивна 2015 година.
