Жителите на скопска Железара повторно ќе протестираат за чист воздух
Железарци повторно на протести поради загадениот воздух. Се подготвуваат масовно да излезат на улица. Велат изборите и дождот нема да ги спречат овојпат помасовно да излезат и да ги алармираат надлежните.
Кристијан Узунов, еден од организаторите на минатонеделните протести за Фактор вели дека нема да застанат тука. Првомајските празници ќе ги искористат за подготовки на пароли, транспаренти и информирање на населението, еколошките организации па дури и на надлежните.
Градот, вели Узунов, се гуши во нечист воздух, а граѓаните не смеат да бидат само неми набљудувачи на тоа.
"Планот е да издржиме овојпат до крај, со блокирање на влезовите од фабриката да успееме да издејствуваме филтри и конечно да проработат еколошките стандарди. Знаеме дека е потребно време, а време многу нема, па ќе пробаме и на друг начин доколку не игнорираат. Постои можност и за искористување на сите правни и законски механизми. Битно беше што почнавме и што мрдна работата. Се надевам дека ќе сфатат сите дека е крајно време да се земат работите во свои раце и да не се чека од никој освен од самите нас да го решиме овој и многу други проблеми. Политиката не треба да се меша во овој долгогодишен проблем. Сакаме да порачаме до сите дека профитот не треба и не смее да биде најважен. Здравјето на луѓето нема цена", вели Узунов.Младите во Железара и околните населби не сакаат да живеат во загадена средина, да дишат нечист воздух и да молчат пред здравствените проблеми кои секојдневно се натрупуваат, додава тој. Вели, навечер е најстрашно - тешко се дише и се чувствуваат како да живеат под вулкан. Според еколозите, алармот за проблемот со загадувањето во скопска Железара е вклучен, но очигледно нема кој да го чуе. Ова според екологистот Јован Мазгански од Екоскоп е стар проблем кој се провлекува долги години. Последните протести минатата недела беа само предупредување дека навистина има проблем кој бара конечно решение. Скопје е еден од најзагадените градови, а сите се амнестираат од одговорности.
"Ние како екологисти побаравме од ресорното министерство или Центарот за јавно здравје да постават мерачи точно во Железара кои веродостојно ќе покажат колкаво е загадувањето кое демне над целиот град. Ова не е проблем кој треба да ги засегне само жителите на Железара и околните населби, туку и пошироко. Воздухот нема граници и рамка во којa се движи, туку тој е насекаде околу нас. Не треба да се експерти за животна средина. Само погледнете го црвеното небо навечер и самите ќе сфатите дека тие честички кои се согоруваат од старо оксидирано железо, автомобили и што уште не, некаде мора да паднат, да се залепат. Која ќе биде штетата врз нашиот организам? Никој не оперира со бројка, ниту за загадувањето ниту за последиците", реагира екологистот Јован Мазгански.Според него, реакциите на граѓаните за животната средина треба да бидат почести, менаџерите на компаниите кои работат во Железара да размислат можеби дел од својот приход да го инвестираат во филтри и посовремени методи на заштита. Одложувањето на конкретните мерки за воведување на еколошките стандарди нема да го реши, туку ќе го пролонгира проблемот, додава Мазгански. Тој смета дека на проблемот треба да се гледа глобално, а не локално. Загадувањето на воздухот ги засега сите, па оттука е потребна и помасовна подршка од сите засегнати. Мазгански порачува дека без организација и солидаризирање нема да се постигнат поголеми ефекти кои ќе ги предупредат и и ќе ги натераат загадувачите да подразмислат. Владата им даде нови шест месеци на големите индустриски капацитети Макстил и Југохром за да ги воведат интегрираните еколошки дозволи. Притоа му наложи на Државниот инспекторат за екологија да изрече казни кон овие две компании согласно Законот за екологија во висина од повеќе стотици илјади евра доколку компаниите најдоцна до 31.10.2014 не ги комплетираат сите технолошки процеси. Досегашната пракса на оние капацитети што ги имаат дозволите покажува дека за целиот процес се потребни околу 10 години, бидејќи се работи за еколошки дозволи кои се согласно европските регулативи, а кои треба да гарантираат дека индустриските капацитети нема да ја загадуваат животната средина. Б.С.
Слично
