Жестока битка за вино
Клучен хрватски аргумент е дека Хрватска, како и Италија на пописот на сорти на Меѓународната организација за лозарство и вино има вброено теран. Министерството за земјоделство ќе се обиде околу теранот да склучи договор со Италија.
Спорот меѓу Хрватска и Словенија околу теранот може на крај да го решава европскиот суд: таа опција се уште не сакаат официјално да ја потврдат од Министерството за земјоделство, но соговорниците од стопанските кругови не ја исклучуваат можноста околу теранот да се води и судска битка.
– Министерството за земјоделство ќе ги разгледа сите можности кои се на располагање, па ќе преземе се што е потребно за да се заштити производството на вино – одговорија од Министерството на нашето прашање дали Хрватска, ако не успее да постигне договор со Словенија околу теранот, ќе се обрати на Судот на ЕУ. Тој суд одлучувал за вински спорови, на пример меѓу Унгарија и Италија, околу вината под името токај, пресудувајќи во корист на тужената Унгарија, која доби право само таа да го користи името на своето вино.
Нема друг избор
Поради тоа, прашање е дали Хрватска може да се надева на евентуален судски спор, но нашиот соговорник од стопанските кругови истакна дека можеби нема да имаме друг избор, туку да се обратиме до европскиот суд. Притоа очигледно, Словенија на своја страна ја има Европската комисија. Портпаролот на Комисијата задолжен за земјоделство и рурален развој Роџер Вејт во понеделникот порача дека теранот со ознака на изворност е признат како словенечко вино, дека на тоа немало приговори од хрватската страна кога бил регистриран, како и дека тоа прашање не е покриено со хрватскиот пристапен договор. Европски извори пак потенцираат дека задоволувачко решение за теранот може да се најде само со согласност на Словенија, на пример, да се договорат во Хрватска наместо теран да се користи некое слично име.
Во Министерството за земјоделство сметаат дека Хрватска во време на преговорите со Европската унија, треба да се обиде да најде начин да вложи приговор за вбројувањето на словенечкиот теран во европската база на заштитени ознаки за изворност.
навистина, ако се суди според материјалите кои новинарите ги добиле на конференцијата на министерот Тихомир Јаковина, маневарскиот простор се стесни. Стар европски закон кој го регулира ова прашање не наведува можност за приговор, но подоцна, кога во сила стапи нов закон, до тогаш заштитените имиња беа признати по автоматизам.
Нови консултации
Нашите соговорници кои се запознати со проблематиката за заштита на вината во ЕУ, сметаат дека треба да се откажеме од дополнителни консултации со Комисијат,а кое министерот Јаковина го најави овој викенд. Потенцираат, дека Хрватска на своја страна има неколку аргументи, на пример фактот дека теран е сорта а името на сортата според новите правила на ЕУ не може да се заштити, па така Хрватска како и Италија на пописот на сорти на Меѓународната организација за лозарство и вино има вброено теран. По неуспешните разговори со словенечката страна, Министерството за земјоделство околу теранот ќе се обиде да склучи договор со Италија. Но, се уште не сакаат да откријат кога ќе се состанат со италијанските колеги.
– Јавноста на време ќе биде известена за консултациите кога ќе дојде до нив – ни рекоа од Министерството.
