ЖЕШКА ЕСЕН: Младите утре ја отвораат сезоната на протести!
Наставниците треба да застанат зад своите ученици и да ги подржат на најавениот протестен марш утре, истото треба да го сторат и родителите -сметаат дел од професорите. Најавата за нов концепт за екстерното според нив е признание на надлежните дека нешто сериозно е згрешено, а се однесува на процесот на вреднување на постигнувањата на учениците, наставниците, образовниот процес и работата на училиштата. Затоа велат загрижува најавата дека ќе се најдат решенија со договор од сите засегнати, без притоа да се прецизира кои се засегнатите субјекти.
“Ако се мисли на родителите кои од страв молчат, тогаш залудни и безполезни се ваквите најави и веројатно решенија. Ако се мисли да се побара мислење од оние кои остро се спротивставија на екстерното тестирање како единствен начин на вреднување на успехот на учениците, на работата на наставниците , со можност да го загубат работното место, тогаш тоа треба јасно да се каже. Со оглед дека речиси една година МОН молчи, сметаме дека ова е само еден безуспешен обид да се намали незадоволството кај учениците, родителите и наставниците, особено во пресрет на пролетните избори. Крајно лицемерно од страна на Министерот за образование е да најавува нови решенија без да седне на иста маса со учениците, наставниците и родителите кои кажаа НЕ за екстерното оценување”-велат од Наставничкиот пленум.
Најавата за нов протестен марш на учениците според нив е уште една силна порака дека тие нема да запрат во намерата да се изборат за подобро образование за сите, оти тие се луѓето кои допрва ќе ја градат оваа земја и ќе создаваат вредности. Тие како што нагласуваат од Пленумот, се свесни дека превртениот систем на вреднување на ниво на поединец, набрзо ќе стане превртен систем на вредности на колективно ниво, а тогаш веќе стануваме општество на погрешни вредности.
“Надлежните овој чекор на средношколците треба да го разберат како последен аларм за менување на состојбите кон подобро, а тоа подразбира прогласување Мораториум на законите за образование, отворање широка јавна дебата во која ќе земат учество сите засегнати од процесот на образование, но и стручната јавност, како и граѓанскиот сектор и економските субјекти. Потребно е итно градење на Национална стратегија за развој на образованието во наредните 10 години. Дури тогаш можеме да пријдеме кон изработка на нови законски решенија и еднаш за долго време да создадеме закони коио ќе бидат имплементирани во училницата и ќе дадат добри резултати”-потенцираат просветните работници.
Според нив постојат неколку клучни точки за да се постави образовниот систем на здрави основи бидејќи сметаат дека кога темелот е јак, градбата цврсто стои и одолева на времето.
“За враќање на доверба во системот, потребно е враќање на сила на претходните Закони за основно, средно и високо образование, затоа што новите законски решенија се целосно неприфатливи, неодржливи и некомпатибилни за нашиот систем на образование. Без учество на практичарите, без отворање широка јавна дебата, усвојувањето на законите за образование не може да биде основа за градење квалитетен образовен систем кој првенствено ќе промивира демократски вредности и ќе произведе квалитет на пазарот на трудот”-велат дел од наставниците.
Дополнително според нив треба да се направи ревизија на целиот воспитно- образовен систем и темелна анализа на состојбите и проблемите во предучилишното, основното, средното и високото образование како и да се посочат слабостите со кои се соочуваат наставниците во сите нивоа на образование, но и изготвување нови наставни планови и програми во сите нивоа на образовниот систем.
“Неопходно е екипирање сите расположливи човечки ресурси кои имаат познавање од соодветна образовна за да се изработи студија за слабостите и предизвиците во образовниот систем. Системот на образование мора да се разбере како еден систем во кој личноста на поединецот се гради од најрана возраст, до заокружување на образовниот процес. За таа цел, мора да постои поврзаност помеѓу различните нивоа на образование и нивна усогласеност и само така образованието сфатено како процес може да се создадат основи за изготвување стратегии за развој. Комплетна ревизија на постоечките, растоварување од големиот број предмети кои се изучуваат во основното и средното образование, нови студиски програми на факултетите кои образуваат наставни кадри, зголемување на процентот на практична и истражувачка настава. Засилување на соработката помеѓу факултетите и училиштата и економските субјекти со цел подготвување за работа и дејствување во општеството”- предлагаат наставниците.
Тие сметаат дека е потребно изготвување и на нов модел за кариерен развој на наставниците бидејќи според новите законски решенија, кариерниот развој на наставниците се заснова врз резултатите од екстерните тестови што според нив е неоснован и како таков неприфатлив. Националните тестови и резултатите од меѓународните тестирања како што велат треба да бидат показател на слабостите во образовниот систем и во зависност од истите да се креираат понатамошните образовни политики.
“Само на тој начин можеме да се надеваме дека нашите ученици и идни граѓани ќе бидат подготвени за живот и работа во 21ви век”-порачуваат од Пленумот на наставници.
С.Б.
Слично
