Жерновски: Почна ревизијата на проектот „Скопје 2014“
Од денеска ќе започне со работа Комисијата, којашто за 90 дена треба да ги соопшти прелиминарните резултати од ревизијата за проектот „Скопје 2014“, најави градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски. Според него, за шест месеци треба да биде готов и комплетниот извештај.
Членови на Комисијата се поранешни претседатели на Комисијата за спречување на корупцијата, Слаѓана Тасева и Драган Малиновски.
Според најавите на градоначалникот Андреј Жерновски на денешната прес конференција, ревизијата ќе се одвива на три нивоа.
Освен Комисијата, во понеделник ќе го повика Државниот завод за ревизија да влезе и да направи контрола на проектот „Скопје 2014“ во делот на општинатa, а ќе биде ангажирана и реномирана ревизорска куќа.
-Слаѓана Тасева и Драган Малиновски, како поранешни претседатели на Антикорупциската комисија и непартиски луѓе се гаранција за фер и непристрасна ревизија. Ова беше и едно од моите централни ветувања во предизборието, дека ќе се направи ревизија. Ова не го правам поради политички реваншизам, туку поради транспарентност и отчетност, бидејќи граѓаните имаат право да знаат како се трошат нивните пари. Сите податоци околу текот на ревизијата ќе им бидат достапни на јавноста и граѓаните“, рече градоначалникот Андреј Жерновски.
-Ќе работиме врз основа на документите, ќе има апсолутна транспарентност. Во секој момент ќе може да знаете што работиме“, рече Тасева.
-Во изминатиот период граѓаните беа хендикепирани, бидејќи немаа информации колку пари и како се трошени парите за проектот „Скопје 2014“. Ова е обид за повторно воспоставување на транспарентноста. Ние нема да санкционираме, туку ќе ја констатираме состојбата“, рече Драган Малиновски.
Слично
