Жерновски распали по градежната мафија, ВМРО ДПМНЕ побара имиња на „мафијашите“!
Почна да се одмотува клопчето околу бизнис игрите во Центар. Новиот градоначалник Андреј Жерновски во интервју за радиото Слободн Европа открива дека до него веќе пристигаат понуди од градежната мафија да биде потолерантен кон градбите кои се веќе најавени или кон оние кои допрва треба да се одобруваат. Но, не останаа должни од ВМРО ДПМНЕ, побараа Жерновски веднаш да ги обелодени имињата на фирмите кои тоа му го нуделе.
Во неделното интервју на Радио Слободна Европа, градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, вели дека воопшто не го интересираат понудите на оние што градат, кои што веќе стигаат до него, за да замолчи или да не гледа што се случува.
„Јас не сум избран, за да ја поддржувам градежната, урбана мафија, туку реков и сега ќе потенцирам дека урбаната мафија ќе мора да си најде друга општина, нема што да бара во Општина Центар“, вели Жерновски.
На прашањето на Слободна Европа дали се тоа парични понуди Жерновски вели:
„Не се директно до мене, туку до моите соработници и еве ја користам оваа прилика да им упатам порака дека немам намера да влегувам во никакви преговори за она што е јасно кажано. Јас сакам, на крајот на краиштата не само како градоначалник, туку и како жител на овој град и на оваа општина, да го спасам Водно. Не велам јас сега ќе го спасам, треба сите да го спасиме, меѓутоа сè што е во ингеренции на мојата функција тоа и ќе го направам, затоа што Водно е комплетно уништено. Со секое доаѓање на нов градоначалник на Општина Центар градежната линија оди сè погоре и погоре. Денеска кога ќе го погледнеме Водно не гледаме планина, гледаме објекти, станбени комплекси итн. Тоа ќе мора да прекине, тоа ќе мора да го сфатат луѓето што работат таму, бидејќи тука сакам да бидам и ќе бидам бескомпромисен„ вели новиот градоначалник.
Жерновски посочува дека релевантна ревизорска куќа ќе ги испита моментите околу „Скопје 2014“ за конечно да се дознае колку е потрошено на овој проект.
Реакција на ВМРО ДПМНЕ
На тврдењата на Жерновски реагираше владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
„Градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски е должен како вршител на јавна функција, но и како граѓанин на оваа правна држава, да излезе и јавно да ги соопшти, или до надлежните институции да ги пријави, субјектите кои му нуделе мито, бидејќи во спротивно тој ќе биде соучесник и ќе се смета дека прикрива случаи на корупција и нудење на мито.
Доколку не го стори тоа, остануваат две опции. Првата опција е дека свесно лаже и ја манипулира јавноста, а втората опција е дека прикрива корупција или обид за корупција“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив Жерновски треба да излезе во јавноста за да ги соопшти фирмите и поединците кои, до него и неговите соработници, како што тврди тој, испраќале коруптивни понуди или му нуделе мито.
Слично
