Жерновски ќе ги стопира градбите, ВМРО-ДПМНЕ ќе тужи
Новиот градоначалник на општина Центар денеска и официјално ја презема функцијата и најави дека ќе стави мораториум на проектот Скопје 2014 односно на сите активностите кои се во надлежност на неговата општина.
„Финансиските служби ќе мора да видат што се случува, каква е дозволата и до каде е процедурата со новата зграда што ВМРО-ДПМНЕ ја започна, потоа до каде е процедурата со новата фасада на зградата на Република Македонија и воопшто со сите активности што во овој момент се одвиваат, бидејќи мора да се констатира улогата, вмешаноста, а таа е се разбира доминантна поради деталните урбанистички планови на Општина Центар“, истакна Жерновски. ВМРО - ДПМНЕ ќе тужи На ова, со своја реакција се јавија и министерството за култура, и владејачката ВМРО ДПМНЕ. Нема правен основ за мораториум на изградбата на објектите кои се во надлежност на Министерството за култура, посочија од Министерството од каде што тврдат дека законот е испочитуван за сите градби коишто преку Министерството за култура се прават на територијата на Центар. Од ВМРО-ДПМНЕ пак изразуваат жалење што Андреј Жерновски од првиот ден започна со мораториуми и блокади. „Апелираме контролата да ја направи што е можно побрзо и да ги објави резлтатите, исто така што е можно побрзо. Само на тој начин неговата најава за контрола ќе има реално значење, а нема да биде само обид за сопствена реклама и промоција. Ние го охрабруваме оваа работа да ја заврши брзо, иако знаеме дека ниту неговата намера е искрена, ниту пак знае да сработи било што“, стои во реакцијата од ВМРО - ДПМНЕ.За сите објекти кои што се во тек на изградба, потсетуваат од ВМРО - ДПМНЕ, постојат законски договори со прецизно утврдени рокови за изградба. За сите попречувања и оддолжувања, се подвлекува, правните субјекти ќе имаат можност со тужби и пенали да се заштитат од незаконските постапки на Жерновски.
Слично
