Жерновски и Град Скопје ја распукаа за објект на ВМРО-ДПМНЕ
На денешната средба со новинарите, градоначалникот Андреј Жерновски, одговарајќи на нивните прашања, рече дека за констатираните неправилности во објектот на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ од страна на инспекцијата на општина Центар, утре ќе испрати писмо до Град Скопје и државниот градежен инспектор со кое ги повикува, заедно со надлежните од општина Центар да излезат на терен и да ја констатираат состојбата.
“Заедно треба да се увериме дали се работи за дивоградба. Чув дека обидот на инспекцијата да влезе во седиштето, кое не ни беше дозволено, бил политички потег. Затоа, ги повикувам надлежните од Град Скопје и државен градежен инспектор, да ја констатираме фактичката состојба на објектот. Доколку не ни одговорат, ќе постапиме како со секоја дивоградба, без разлика за која политичка партија се работи, дали на власт или опозиција. Нивното објаснување дека издадениот дел на влезната врата е урбана опрема е смешно, исто како што е смешно тврдењето дека галиите во Вардар се исто, урбана опрема. Ние нема да влегуваме како полиција, но ќе санкционираме се’ што е дивоградба. Чув дека ВМРО – ДПМНЕ изјавуваат дека објектот не е пуштен во употреба. Вчера партискиот врв во истиот објект имаше состанок. Не се работи за реваншизам, ако е дивоградба, ќе ја отстраниме. Се прашувам дали полицијата во овој случај ќе не’ заштити од луѓето кои евентуално би се собрале овде“, рече Жерновски.
Од Град Скопје пак реагираат на дел од ставовите и наведувањата на градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, во врска со изградбата на објектот на плоштадот ВМРО, поточно на настрешницата на овој објект.
„Сакаме да посочиме дека сите обвинувања на градоначалникот Жерновски се неосновани и паушални, во кои истиот покажува елементарно непознавање на законските прописи во Република Македонија.
Градот Скопје, по барање на ДГ Бетон АД Скопје за издавање на решение за изградба на настрешница во функција на објект со група на класа на намени Б-Комерцијални и деловни намени, со основна класа на намени Б4-Деловни дејности и Б5-Хотелски комплекси, издава решение за одобрување на барањето со број 15/13-2287 од 26.02.2015 година“, велат во соопштение од град Скопје.
Град Скопје тврди дека целокупната постапка е во согласност со закон и во целосна надлежност на Град Скопје.
Ова барање, како што тврдат е одобрено врз основа на член 73, став 1, алинеја 14 и член 74, став 1 од Законот за градење, а во врска со член 205, став 1 и член 209 од Законот за општа управна постапка.
„Би сакале да го потсетиме градоначалникот Жерновски дека во овој случај не станува збор за урбана опрема, туку за настрешница на објект за која е издадено решение согласно законските прописи во Република Македонија.
Констатираме дека согласно законите не постои можност за заеднички увид на терен и воедно го повикуваме Жерновски да изврши увид во целата документација, а општинските инспектори да постапат согласно на законот“, истакнаа од кабинетот на градоначалникот Трајановски.
