Жерновски: Антикорупциска е продолжена рака на Владата и премиерот
Кандидатот за градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски ги отфрли сите обвинувања на Антикорупциската комисија, која отвори предмет поради сомневање дека давал неточни податоци во анкетните листови за неговата имотна состојба. Ова е срамно, рече Жерновски кој обвини дека Антикорупциската комисија е продолжена рака на Владата и премиерот.
„Во оваа држава не смее да бидете кандидат на опозицијата. Во таков случај ќе ви изнесат едек куп лаги, измислици, невистини. Ќе ве линчуваат и дискредитираат и вас и вашето семејство“, изјави Жерновски. Тој категорично ги отфрли сите обвинувања дека криел имот. „Мојот анкетен лист секогаш бил уредно пријавен. Јас живеам во стара куќа која е наследство од мојот дедо, а наредбодавачот купи четири стана за време на конфликтот кога Македонија крвареше. Сега се обидуваат мене да ми најдат 10 стана, 10 куќи, и да речат дека сум бил дел од урбаната мафија“, додаде кандидатот за градоначалник на Центар кои посочи и дека власта пред вториот круг врши огромен притисок врз сите кандидати за градоначалници на опозицијата. На ова реагираше владејачката ВМРО - ДПМНЕ. Оттаму обвинија дека Жерновски ја злоупотребил својата функција и сега бара оправдување за неуспехот. „Жерновски е свесен дека се изгуби разликата од првиот круг и дека ќе доживее пораз во вториот, па се обидува да си најде алиби за неусехот. Граѓаните ќе го казнат за невистините кои ги говореше во целата кампања, за аферите кои се врзуваат за него, за ниската кампања која ја водеше и за безидејноста, со која настапи пред граѓаните без да понуди конкретна и реална програма со финансиски издржани проекти“, стои во реакцијата.
Слично
