Жена-претседател на Македонија? Професорката Ванковска најавува кандидатура
Професорката Билјана Ванковска преку социјалната мрежа „Фејсбук“ го проверува мислењето на јавноста - дали треба да се кандидира за претседателка на Македонија на претстојните избори?
„Се слушнаа голем број коментари дека меѓу досега споменуваните можни кандидати за претседател на РМ нема ниту една жена, а дека сите се/ќе бидат партиски определени или блиски до партиите. Да не зборувам за „консенсуалниот кандидат“... Мнозина, и на ФБ и на улица, ми велат „професорке, што не се кандидирате?“. Прашувам конкретно: колкумина од вас ќе стават лајк на идејата да соберам 10.000 потписи за независна кандидатура?“, прашува Ванковска на „Фејсбук“.
Ванковска ќе смета дека нејзината иницијатива има сериозна поддршка доколку добие 2.000 „лајк“-а на статусот. Досега нешто помалку од 1.000 луѓе, пријатели и следбеници на Ванковска ја поддржале ваквата идеја.
Неколку кандидати веќе најавија дека имаат намера да трчаат на претстојните претседателски избори во Македонија. Најголемите партии се уште не откриле кого ќе поддржат во трката. Меѓу познатите имиња кои ќе влезат во претседателска трка, за сега нема ниту една жена.
Слично
