Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЖАНЕТА СКЕРЛЕВ: На сцена e диктатура на примитивизмот!

ЖАНЕТА СКЕРЛЕВ: На сцена  e диктатура на примитивизмот!
“Од каде ли македонското новинарство се појавија некои имиња без презимиња.  Да ми е да знам?! Тие му нанесоа огромна штета на новинарството - со вулгарности, со непроверени податоци, со лаги и манипулации, со неписменост, безобразие. Тоа не е слобода на говор, на сцена е диктатура на примитивизам”, одговара за Фактор Жанета Скерлев, која над 15 години беше шеф на македонската редакција и уредник во Лондон. Познатата уреднчка на Би-Би-Си е разочарана од МТВ која во последниве две години, по еден успешен старт, останува пропаганден сервис на власта. За Жанета Скерлев и будењето на студентскиот активизам е знак и “очекувам со пролетта Македонија да се подразбуди од хибeрнацијата.. ”. Таа за Фактор предупредува дека Европа како да крева раце од Балканот и затоа на една конференција јавно  реков дека “тука имаат незавршена приказна- почнаа, вложија многу труд, знаење, пари...и потоа си заминаа”. Разговараше Горазд Чомовски Фактор:  Како гледате на  аферата “Македонски Вотергејт“, нешто што ја раздрма домашната јавност, како политички, така и општествено со обелоденувањето на прислушкувани  разговори  во кои се инволвирани преставници од извршната власт и каква разврска очекувате? Скерлев: Очекувам во Македонија да се променат многу работи. Но ако тоа не се случи, очекувам да се случи барем еден пресврт - граѓаните да престанат да и се плашат на власта. Белким видоа дека не само што се луѓе од крв и од месо, туку и дека се арогантни, безобразни и дрски, со слабости- не само кон Хју Грант, подготвени на подметнувања и уште што ли уште нема да се открие. Очекувам со пролетта Македонија да се подразбуди од хибрнацијата. Фактор:Студентска инвентивност, револуционерност, решителност...  Дали иднината на просперитетните општества е во рацете на академската заедница која во турбулентниов период на свои плеќи ги носат промените, но и ги трпат ударите на сите оние ретроградни и антидемократски сили ? image1Скерлев: Се надевам. Зашто долго време бев разочарана во инертноста и аполитичноста на студентите. Се прашував дали всушност имаат мислење за нешто, имаат ли некаков став? Пријатно ме изненадија со нивниот активизам и со она што го направија и покренаа- всушност со нив се почна. Дали со нив и ќе заврши, ќе видиме.Јас сум внимателен оптимист. Фактор: Пред некоја година медиумите објавија дека премиерот на Велика  Британија Дејвид Камерон тајно се среќавал и добивал политички совети за надворешната политика од неговиот претходник, екс премиерот Тони Блер. Што би било доколку во јавноста  протече информација  дека шефот на македонската Влада Никола Груевски  бара мислење од екс премиерот Бранко Црвенковски, дали и како да се справи  со својот политички противник  Зоран Заев? Скерлев: Сериозно, би било одлично Груевски да го прашува Црвенковски за надворешната политика на Македонија, така би имале континуитет и Груевски не би почнувал од нула. Впрочем Црвенковски беше и премиер и претседател, има значително искуство во надворешни политички случувања. Така што тоа да се случи, а можеше, ќе беше навистина одличен потег. А Груевски да побара од Црвенковски мислење за справување со Заев? Па макар и најдобронамерно? Ха, ха, хааа, па мислам дека ќе биде неупотреблива со години повторуваната мантра оти  „Бранко е виновен за се„. Такво нешто тешко дека би им паднало на памет на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. А штета, идејата всушност и не е лоша... Фактор: Пред точно 20 години одлучивте да заминете во Лондон.  Бевте  15 години уредник на македонската редакција на Би-Би-Си.  Пред пет години  згасна македонската програма .  Дали тоа значи дека земјава  подолг период не е  веќе предизвик за медиумско опсервирање  и дали со ова се намали влијанието на официјален Лондон што го имаше преку „меката моќ“ на Светскиот сервис ? Скерлев: Мене Македонија секогаш ќе ми биде предизвик, но добивам впечаток дека освен мене и на уште неколкумина „die hard” следачи на состојбите на југот на Балканот, на медиумите не им е во радарот. Зборувам за тука, за Велика Британија но од она што го следам, слично е и низ Европа. И не само на медиумите, туку и на оние меѓународните тела и организации . Не е само Македонија во прашање, јас тука би го ставила Балканот во целост- на една конференција за меѓународната поддршка на Балканот им реков дека тука имаат незавршена приказна- почнаа, вложија многу труд, знаење, пари...и потоа си заминаа. Некои би рекле и-кренаа раце.Можеби. Ама тоа е реалноста. Пред некој ден разговарав со еден колега од БиБиСи  и заеднички констатиравме дека кога БиБиСи мораше да бира- а мораше- меѓу балканските сервиси и Шри Ланка, ги одбра оние од Шри Ланка, ја донесе вистинската одлука.Тешко е да се биде непристрасен кога е во прашање твојата земја, ама мораше да се донесе одлука и се донесе каква што се донесе. Во тоа време, се мислеше дека и покрај проблемите со медиумите, сепак има капацитети да се тргне во позитивен правец.Очигледно, многу погрешно се мислеше. НОВИНАРСТВОТО ВО МАКЕДОНИЈА СЕ СООЧУВА СО НАЈТЕШКИТЕ МИГОВИ ВО СВОЈАТА ИСТОРИЈА Фактор: Во  последно време често сте на релација Лондон –Скопје. Како ви изгледа  сликата на  македонскиот  медиумски простор? Скерлев: Некои од новинарите кои сега се во медиумите ми се колеги, знам со какви тешкотии се соочуваат – малку се ама добри се и ги поддржувам со се срце и секогаш кога им треба помош, соработка, контакт, било што-тука сум. Други ги имам обучувано и некои нешто запамтиле,некои решиле да заборават, трети сметаат дека всушност самите се знаат и од никого ништо не им требало.А најголемиот дел...ех...Од каде ли се појавија некои имиња без презимиња, да ми е да знам?!  Новинарството во Македонија се соочува со најтешките мигови во својата историја. Има многу луѓе кои се во медиумите кои  лажно се претставуваат како новинари, одат наоколу и велат дека се професијата, но немаат ништо заеднчко со неа, освен што можеби купуваат весник, слушаат радио, гледаат телевизија и знаат да користат интернет. Тие индивидуи, тие имиња без презимиња му нанесоа огромна штета на новинарството во Македонија.Со вулгарности, со непроверени податоци, со лаги и манипулации, со неписменост, безобразие,- неверојатно е што се излегува во јавноста под плаштот на слобода на говор во медиумите. Тоа не е слобода на говор, на сцена е диктатура на примитивизам. И тоа не е само штета за новинарството, тоа е штета и за државата, тоа е бескорисно и за Македонија. Фактор: Во една прилика ќе кажете „ Фантастично е да си слободен! Ја сакам професијата со душа и со ентузијазам кој не згаснува...“ Колку во денешно време таа е предизвике и со каков впечатокот заминувате после секоја средба со некои од македонските колеги? Скерлев: Се радувам по средбите со колеги кај кои ентузијазмот за новинарството и работата е дел од секојдневието- не сакам да ја употребам фразата- „се уште постои„ –па се разбира дека треба да постои. И жал ми е за оние на кои им го убиваат тоа, полека, полека... од оние неталентираните, завидливите, послушните, кои кога газдата ќе им каже дека слонот лета, ти веќе одговорат дека баш виделе „два ниско по земја„. Страв ми е за новинарите, па и сите, на кои животот им е во опасност кога следат настани во кои можат да бидат киднапирани, држани во затвор, мачени, па дури и ликвидирани. Добро е да си новинар, одлично е да си новинар. Фактор: „Ние ви ги носиме информациите, заклучоците донесете ги сами.“ Колку овој  слоган на Би Би Си  го применуваат  македонските медиуми во ситуација на општа поделеност меѓу седмата сила и постојаното нивно етикетирање  ? Скерлев: Медиум кој би требало да го применува овој слоган е - Македонската Радио Телевизија.Таа е во служба на граѓаните, тие ја плаќаат преку радиодифузната такса и концептот на БиБиСи, како јавен сервис, е совршен за МРТ. Едно време, МРТ собра добар тим, интересни имиња и добро им тргна, си реков, браво, има надеж, ќе ги биде. И потоа се случи 24 декември и скадалот со бркањето на опозицијата и новинарите од Собранието и Македонската телевизија ги затвори очите и камерите и од тогаш почна да не гледа, регистрира, информира. Што се однесува до другите медиуми, тие се приватни и можеби имаат право да заземаат страна, но немаат право да лажат, манипулираат, застрашуваат. Тоа е надвор од сите правила. Советот за Радиодифузија,  Агенцијата за телекомуникации, Новинарскиот Суд на честа...ако тоа се некои тела кои треба да преземаат некакви активности против ваквите состојби, очигледно се или безгласни, немоќни, или под политичко влијание и ништо битни нити се случува, нити се менува. А јавноста како да е навикната на ваквите „прозорци кон светот„, па во комбинација со турските серии, го живее ова секојдневие. Фактор: Каков би бил Вашиот  одговор на дилемата Ерих Фром - Зошто на човекот  му е тешко да биде непослушен? Скерлев: Живот без бранување, секој ден на работа од 9-17, како ќе ти кажаат- така некако. Па што има тука лошо? Е сега може и да немаш работа, ама молчи, може и полошо....Што може полошо?... Чекај сега малку се сплеткав. Како беше прашањето? Фром и дилемата? Човекот е послушен зашто му е страв, ете затоа! А тешко му е да биде непослушен затоа што можеби ќе има последици по него или неговите ... Тоа или? Хм?! Можеби. Не знам господине Фром, мене никогаш не ми било тешко да бидам непослушна.  
Слично

Поврзани вести