Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Жално е ова што се случува со центарот на градот“

„Жално е ова што се случува со центарот на градот“
Урбанизам е дисциплина која се занимава со решавање на задачите од областа на планирањето и уредувањето на населените места. Главни задачи на урбанизмот се создавање и одржување на ред и структура во населените места, како и обезбедување на систематски и координиран развој. Ова е дефиницијата за урбанизам, но колку истата се применува во пракса? Урбанистите велат дека носењето на сите урбанистички планови се одвива во фази, а целата процедура треба да бидат поткрепена со  документација која ја одразува вистинската  состојба во просторот на подрачјето за кое се донесува планот. Последните години деталните урбанистички планови особено оние за скопското централно подрачје станаа мета на чести измени. Дел од стручната јавност во честите измени препознаа бизнис и политички интерес. Но не само плановите, и Законот за урбанизам и просторно планирање во последните седум години се измени осум пати. Колку честите законски измени може да создадат проблем при изработката на деталните урбанистички планови? Честите измени создаваат проблеми, како Законот за урбанистичко планирање така и честите промени во Правилниците за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, меѓутоа се трудиме да се прилагодиме, вели во интервју за Фактор Искра Ефремова, архитект и планер, член на Управен одбор на Асоцијација на архитекти на Македонија. Фактор:  Деталните урбанистички планови се клучни за планирањето и уредувањето на просторот во еден град, на што се поддлежи изработката на еден ДУП? Ефремова: Со изработка на деталните урбанистички планови се обезбедува зголемување на степенот  на хуманоста на живеењето со воведување на повисоки стандарди во однос на постојната состојба или во однос на предходните урбанистички планови, како и хармонизација на просторот и зголемување на вредноста на земјиштето, недвижностите и слично.Секој успешен градоначалник треба да изврши промена  на деталните урбанистички планови кои ќе бидат во согласност со корисниците на просторот и во релација со нивните потребите. Фактор: На што треба да се внимава при изработката на урбанистичките планови? Ефремова: Треба да се внимава при изработката на новите детални урбанистички планови , тие да се изработуваат врз основa на претходните урбанистички планови, да се во согласност со Генералниот урбанистички план на град Скопје  и во исто време да се прилагодат според потребите на корисниците на просторот. Фактор: Последниве години сме сведоци на чести менувања на дел од ДУП-вите, особено оние за централното градско подрачје.  Колку честите менувања на ДУП-вите создаваат хаос на терен, во смисла на неплански градби и колкави се штетите на терен? Ефремова: Честите измени на плановите не создаваат хаос на терен туку се усогласуваат со моменталните потреби на корисниците. Деталните планови се изработуваат за граѓаните и тие даваат насока за планско опкружување. Можеби треба да се поттикне насоката на размислување кон инвеститорите и архитектите кои секогаш бараат максимално искористување на парцелата со максимален процент на изграденост, со што се градат огромни објекти без дворни простори, трева и дрвја. Фактор: Честите измени на плановите почнаа со проектот “Скопје 2014”, особено често се менуваше ДУП Мал Ринг, како овој проект влијае врз урбанистичкото планирање на центарот на Скопје? Ефремова: Точно е, често имаше промена на ДУП Мал Ринг, меѓутоа прашањето треба да биде кон нарачателите на истиот, а тоа е општина Центар. Времетраењето на еден ДУП е 5 години, додека кај ДУП-от Мал ринг се случуваше во шест месеци по две промени на иститот, што секако не е добро. Фактор: Дел од колегите од вашата фела го оправдаа овој проект, дел го оквалификуваа како контроверзен, дали се изместија вредностите во урбанизмот како дисциплина чија основна задача е создавање и одржување на ред и структура во населените места? Ефремова: Јас лично навистина не познавам ниту еден колега кој го оправдува проектот “Скопје 2014”, со кој што дури сега ќе се соочиме со проблеми, почнувајќки од градба во заштитена зона покрај реката Вардар, па до лошиот квалитет на употребените материјали. Секако од урбанистички аспект можам да посочам непочитување на хумани растојанија меѓу градежните линии и нефункционални сообраќајни решенија. Жално е ова што се случува со центарот на градот и веќе не гледам било каков спас. Фактор: Во кој случај еден ДУП може да се менува и што дозволува законот во делот на измените? Ефремова: Може да се менува по нарачка на Општината или приватно лице. Како што споменав ДУП-от се однесуваа за плански период  од 5 години после кои би требало да се изврши измена. Се врши усогласување на дуповите и после промена на  Генерален урбанистички план, како што е сега, бидејќи ГУП-от на град Скопје се промени во 2012 година. Фактор: Законот за просторно и урбанистичко планирање подлежи на чести измени, само во последниве седум години е изменет осум пати. Колку реално се потребни таквите измени и дали таквите промени создваат проблем при изработката на ДУП-вите? Ефремова: Секако дека создаваат, како Законот за урбанистичко планирање така и честите проемни во Правилниците за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, меѓутоа се трудиме да се прилагодиме. Фактор: Со последните измени на Генералниот урбанистички план од 2012 година, се предвидени градски четврти, дали е ова подобро или полошо? Ефремова: Според моето мислење,секако дека е подобро,затоа што се извршија плански поделби на градот,со што ке се избегне честата промена на ДУП-вите. Фактор: Последните случувања со ДУП-от за Дебар Маало предизвикаа бурни реакции во јавноста, оправдана ли е грижата и реакцијата на жителите на општина Центар? Ефремова: Секако дека грижата и реакциите на жителите треба да се почитуваат,заради тоа и постои Јавната анкета, да се консултираат и да се известат  жителите за тој дел каде што се врши измената на деталниот урбанистички план.Законската регулатива за одржување на јавна анкета е две недели, додека согласно одлуката на градоначалникот на општина Центар, таа се продолжи на два месеци со што  целиот процес е потранспарентен и има простор за анализи и консултации со сите релевантни фактори. Ние сите треба да бидеме свесни дека живееме во град каде потребите на граѓаните константно се зголемуваат. Дебар маало е простор со голем број на објекти кои се со посебни заштитно-конзерваторски услови за заштитените добра и е предвидено изведување конзерваторско-реставраторски работи на фасадите, можности за адаптација на ентериерот, можности за изградба на нови објекти како доградби на катастарските парцела. Почитувањето на насоките од заштитно-конзерваторски основи е основно начело при изработка на Деталните планови и нема можност од нивно игнорирање заради моменталните Правилници и Закони за урбанистичко планирање.Треба да почекаме и за да видиме како ке се одвиваат понатаму работите. Фактор: Како би го оцениле урабинистичкото планирање на Скопје во однос на функционалноста? Ефремова: Функионалноста  е нарушена со максималната изграденост на градежните парцели, мегутоа проблемот тука е во сопствениците и инвеститорите. Урбанистичкиот план на цртеж е дијаметрално различен од состојбата на лице место и јасна е загриженоста на граѓаните. Секако имаме населби во Скопје кои се пример за планско решавање како Аеродром  или делови од Карпош, меѓутоа и урбанистички хаос како делови од општините Центар и Кисела Вода. Ј.С
Слично

Поврзани вести