Жалбата за куќен притвор на Талески ќе ја разгледува Апелација
Апелацискиот суд денеска во 14 часот на јавна седница ќе ја разгледува жалбата за куќниот притвор на битолскиот градоначалник, Владимир Талески, поднесена од неговите адвокати, потврдиле за агенцијата Мета од судот.
Разгледувањето на предметот за Талески на јавна седница, велат од Апелацискиот суд, било на барање на одбраната на Талески која ја обжали одлуката на Кривичниот суд.
Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 претходно го укина решението на судијата на претходна постапка со кое на Талески само му беше одземен пасошот и донесе одлука на битолскиот градоначалник да му биде одреден домашен притвор.
Тој куќниот притвор го издржува од 20 јуни, кога СВР Битола почна со спроведување на решението на Кривичниот суд.
Талески е првоосомничен во случајот „Транспортер“, кој го отвори Специјалното јавно обвинителство и се товари дека заедно со уште 22 лица направил злоупотреби со превозот на ученици во Битола, со што го оштетил буџетот за 360.000 евра.
