Зголемено производство на 1400 компании од кредитите на ЕИБ
Македонската банка за поддршка и развој информира дека со кредитите кои Владата ги обезбедила од ЕИБ се реализирани вкупно 5.868 нови вработувања.
Евтините средства кои Владата ги обезбедила од ЕИБ ги искористиле околу 1.400 компании во делот на производство, градежништво, услуги и трговија.
До средината на овој месец ќе бидат повлечени дополнителни 11 милиони евра за поддршка на 36 компании и ќе се отворат нови 159 вработувања, информираат од Македонската банка за поддршка и развој.
Една од фирмите која ја искористи евтината кредитна линија од ЕИБ е и прилепската “Милина Ајс“.
Директорот Бранко Илиевски вели дека со средствата инвестирале во доопремување на линиите за печење кроасани и правење сладолед.
- Во 2014 година лансиравме нови производи, како сладоледи и лиснати теста, а неделава почнуваме со печење кроасани. Направивме нови договори со позната фирма од ЕУ за извоз на 120 до 150 илјади парчиња дневно. А годинава ќе извезуваме и сладолед за големите маркети во Европа и Австралија. Станува збор за три до пет милиони евра годишен извоз на кроасани, сладоледи и тесто – вели Илиевски.
Компаниите се уште можат да аплицираат за средства бидејќи од четвртата кредитна линија на ЕИБ остануваат уште 56 милиони евра.