Зголемената конкуренција меѓу авиокомпаниите ќе ги поевтини цените на авиобилетите
Дејан Мојсоски, директор на Агецнијата за цивилно воздухопловство во интервју за Фактор вели дека по отворањето на косовското небо, најрезервираните сценарија се дека ќе има зголемување од минимум 20 проценти на бројот на прелети бидејќи воздушните патишта што се користат сега го заобиколуваат Косово, а со самото тоа и во голем дел случаи нашиот воздушен простор, и поминуваат низ Албанија и Бугарија. Мојсоски очекува и пад на цените на авиобилетите, поради зголемената конкуренција меѓу авиокомпаниите.
Фактор: Дали годинава може да се очекуваат нови авиодестинации?
Мојсоски: Секако дека може и очекуваме зголемување на бројот на дестинации до кои ќе може да се патува од двата македонски аеродроми. Политиката на АЦВ и либерализација на процедурите, покрај редовните линии, ќе го зголемат и бројот на чартери во летната туристичка сезона. Компанијата Ал Италија достави барање до АЦВ за оперирање со летови од Скопје до Рим, кои би ги реализирала од 1мај до крајот на летната сезона.
Компанија Виз ер, иако до нас нема доставено официјално барање за одобрување на нови летови, во јавноста веќе најави дека ќе почне летови со свој втор авион до четии нови дестинации како што се Париз, Франкфурт, Келн и Брисел.
Најважно од се е што интересот на нови авиокомпании за оперирање од и до македонските аеродроми интензивно расте, што за нас како Агенција за цивилно воздухопловство претставува реална потврда на нашата интенција да создадеме брз, ефикасен, безбеден и сигурен воздушен транспорт, достапен до сите
Фактор: Можно ли е да се очекува пад на цените на авиобилетите?
Мојсоски: Зголемувањето на кокуренцијата меѓу авиокомпаниите за оперирање до одредени дестинации секако дека влијае и дополнително ќе влијае врз намалувањето на цените на авиобилетите. Што секако преставува врвен приоритет во работата и развојот на нашата компанија. Што поголем број на патници и авиосообраќај на македонските аеродроми, и секако по евтини цени за патувачката јавност.
Фактор: Какво влијание имаше воведувањето на евтините летови, колкав е бројот на патниците кои ги користат овие линии?
Мојсоски: Статистиката открива импозантни бројки на патници кај нискотарифните авиокомпании во 2013 година. Од вкупниот број од еден милион патници што лани летале од македонските аеродроми услуги на нискотарифните компании користеле 440.127 патници, што е пораст од 240 отсто во однос на 2012 година, кога со таканаречените евтини летови биле превезени 150.000 патници. Ако се земе предвид дека пред само околу три години нискотарифните компании беа вистинска непозната за македонските авиопатници, сега бројките покажуваат дека тие полека го преземаат македонскиот авиопазар.
Податоците за превезени патници во текот на минатата година, покажуваат дека, македонските граѓани редовно најмногу летаа кон Истанбул, Виена и Цирих, а често патуваат и до Лондон и Малме, но и до Дубаи.
Релативно ниските цени од дваесетина евра ги предизвикаа македонските граѓани и многумина што не помислувале да патуваат со авион сега одат на кратки туристички патувања до европските метрополи.
Минатата година со „Виз ер“ летале 358.003 патници. Од другите нискотарифни компании со „Пегасус“ летале 57.075, а со „Флај Дубаи“ 25.049 патници.
Фактор: Каков ќе биде летниот ред на летање?
Мојсоски: Сеуште е рано да се зборува за тоа, каква ќе биде финалната листа на авиокомпаниите кои ќе оперираат во летниот ред на летање, кој стапува на сила на.
Ние како АЦВ им стоиме на располагање на авиокомпаниите 24 часа седум дена во неделата, да ги примиме, разгледаме и доколку се во согласност со позитивните законски прописи и да ги одобриме нивните барања за оперирање од и до македонските аеродроми.
Фактор: Каква е состојбата, што покажуваат податоците за карго превозот во земјава?
Мојсоски: Добри вести и позитивна енергија, забелележавме и во бројот на воздухопловни операции, кој во 2013 година се зголеми за 9 проценти во однос на истиот период во 2012 година или биле реализирани 11.576 полетувања и слетувања, при што трансферирани били 2.449,09 тони производи преку двата аеродрома во земјава.
Фактор: Со кои земји имаме спогодби за директен сообраќај и има ли најави за нови спогодби?
Мојсоски: Агенцијата за цивилно воздухопловство и во 2013 година остана максимално посветена и активна на меѓународен план.
Парафиравме спогодби за отворено небо со Чиле, Канада и Бразил, а заедно со Австралиските, Сингапурските и Американските воздухопловни власти, создадовме правна рамка за реализација на интерконтинетални летови, како симбол, на отворањето на македонското небо, пошироко од европското, и насочување кон светските престижни дестинации на 5 континенти.
Фактор: Директна линија меѓу Македонија и Австралија?
Мојсоски: Агенцијата за цивилно воздухопловство уште во 2012 година потпиша Меморандум за разбирање со австралиските воздухопловни власти со кој се утврдуваат аранжманите во меѓународниот воздушен транспорт на код шер – основа и други комерцијални договори меѓу двете земји. Создадовме можности за вклучување на повеќе авиокомпании во транспортот на патници меѓу двете земји и отворање на претставништва за продажба на авиобилети.
Ова поврзување е во насока на јакнење на туризмот, како и ефикасно, економично и безбедно поврзување на Македонија со својата дијаспора и поврзаност со матичната држава на нашите иселеници. АЦВ презема активности за воспоставување правна основа за влез на авиопревозници на македонскиот пазар со цел што поголемо поврзување на Македонија.
Фактор: Што по отворањето на косовското небо?Ќе се реализираат ли најавите за намалување на цените на прелетите, за да може рутите над македонското небо да бидат поатрактивни?
Мојсоски: Отворањето на косовскиот воздушен простор кон средината на годинава и дефинитивно ќе го зголеми бројот на прелетите над македонското небо. По отворањето на косовското небо, најрезервираните сценарија се дека ќе има зголемување од минимум 20 проценти на бројот на прелети бидејќи воздушните патишта што се користат сега го заобиколуваат Косово, а со самото тоа и во голем дел случаи нашиот воздушен простор, и поминуваат низ Албанија и Бугарија. Според сценаријата и симулациите на Еуроконтрол што се подготвени за одредени денови од август 2011 односно како би изгледало доколку било отворено косовското небо тогаш се со уште поголеми параметри односно со 35 проценти зголемување. Значи тоа е сериозен предизвик со којшто треба да се справиме. Времето е кратко, таргетираната дата според акцискиот план на Еуроконтрол е 3 април следната година.
Едновремено со новиот систем за воздушна навигација ќе се обезбеди зголемување на капацитетите на системот за контрола на летање, подобрување на ефикасноста на услугите и задржување на сегашното ниво на безбедност и негово натамошно подобрување. Предвидено е системите да овозможат справување со зголеменото ниво на сообраќај во однос за сегашното за трипати повеќе за периодот до 2028 година
Фактор: Што е со програмата за национална воздухопловна безбедност?
Мојсоски: Националната програма за воздухопловна безбедност е донесена во 2011 година. Во 2013 – та година, АЦВ ќе продолжи со имплементација на Истата, втемелена врз неколку неколку основни столба, како на пример воздухопловната безбедносна политика и цели, управување со безбедносен ризик, обезбедување на сигурност и промоција на воздухопловната безбедноста. Значен дел од зацртаните елементи во Програмата се реализирани. Но, остануваме доследни на нашата интензција како Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија, да продолжиме со имплементацијата на големиот број на меѓународни, европски и национални прописи, коизначат хармонизација на македонското со европскиот воздухопловен сектор.
Фактор: Како ја оценувате 2013 година?
Мојсоски: 2013 – та година, беше година на реформи, интензивен развој на македонското воздухопловство, подигнување на стандардите во духот на современите европски воздушни трендови и негово приближување до што поголем број на македонски граѓани. И успеавме во тоа.
Потврда за ваквата наша заложба е фактот што 2013 – тата година, ја одбележа импозантноста од милион патници, кои полетаа и слетаа на двата аеродроми во Република Македонија. А, добри вести и позитивна енергија, забелележавме и во бројот на воздухопловни операции, кој во 2013 година се зголеми за 10,09 проценти.
2013 година, за нас како Агенција, ќе остане забележана и по чествувањето на 15 годишнината од членството на АЦВ во EUROCONTROL во Брисел. Јубилеј кој значи деценија и половина активно партиципирање во оваа пан европска оргазизација, и исто толку години напредок, реформи и исполнување на критериумите кои значат македонско воздухопловство високо етаблирано во европските воздухопловни структури.
Едновремено, Македонија продолжи да ги поддржува проектите на EUROCONTROL за Централизирани услуги на ПАН европско ниво, кои значат зголемување на ефикасноста и перформансите на европскиот систем за менаџмент со воздушниот сообраќај.
Со ваквата определба Агенцијата за цивилно воздухпловство јасно покажува дека европските проекти и визии се интегрирани во работната филозофија на македонскиот регулатор. Во 2013 покрај редовната кореспонденција со нашите европски колеги, се одвиваше и непосредна комуникација. Директорот на EUROCONTROL г – дин Бренер во Скопје, по престојот и деталното запознавање со редовните активности на АЦВ излезе со највисоки оценки за тековното работење, но и за насоките за наредниот период.
Во 2013 започна практична реализација на идејата за Иницијатива за формирање на заедничка област за давање услуги на земјите од регионот, под покровителство на Советот за регионална соработка. Иницијативата има за цел да ја зајакне соработката во сверата на воздушниот транспорт, преку обезбедување сигурни и ефикасни услуги во воздухопловната навигација.
Фактор: Какви се очекувањата за 2014 година?
Мојсоски: Очекуваме максимално успешна 2014 година која ќе значи, доследна имплементација на јасно зацртаните цели, да го издигнеме македонското воздухопловство на ниво на европското, успешно да го регулираме воздушниот транспорт во Република Македонија и го трансформираме во безбедно, сигурно, редовно, ефикасно, економски и еколошки одржливо национално воздухопловство, кое е целосно во согласност со меѓународните стандарди и хармонизирано и интергрирано во Европската Унија.Воздухопловство кое е во целосен интерес на сите учесници во него, а посебно кон заштитата на патникот.
Квалитетната меѓународна политика и создавањето правни рамки за отворање на македонскиот воздушен транспорт кон серија нови атрактивни дестинации за патувачката јавност кон Австралија, Бразил, Чиле, Канада, Сингапур..., остануваат наш врвен приоритет во 2014 година.
Цврсто уверени и силно реформски ориентирани, уверени сме дека во 2014 година, ќе ја внесеме земјата во новата ера на развој на цивилното воздухопловство. Јасно и недвосмислено, Македонија ќе ја втемелиме на мапата на силно привлечни дестинации, до која ќе слетаат и полетаат двојно повеќе патници од годинава што измина.
С.Н.
Слично
