Зголемена трговска размена во првите два месеца од годинава
Во првите два месеца од годинава, Македонија извезла стоки во вредност од 696.890.000 американски долари, а увезла во вредност од 1.070.984.000 долари. Трговскиот дефицит изнесува 374.093.000 долари, а покриеноста на увозот со извоз е 65,1%, покажаа најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Обемот на размена се зголемил за 10,6% во однос на истиот период лани. Само во февруари, трговската размена се зголемила за 3,2 проценти.
Во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, феросилициумот, фероникелот, облеката и производите од железо и челик (валани производи). Во увозот најмногу се застапени платина и легурите на платина, необработени или во прав, суровата нафта, електричната енергија и други метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
На страната на извозот, растел извозот на машини и транспортни уреди и хемиски и сродни производи, а опаѓал извозот на минерални горива, мазива и сродни производи, на животински и растителни масла, масти и восоци, но и на пијалоци и тутун.
И во увозот во Македонија и во извозот од земјава најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ и земјите од Западниот Балкан.
Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија. Суфицит во размената, односно поголем извоз од увоз, Македонија има со Косово, Германија, Белгија и Холандија.
Слично
