Зголемен извоз: Саудиска Арабија ја пренасочува нафтата преку Црвеното Море
Саудиска Арабија почна да го намалува производството на нафта, придружувајќи се на другите производители во Персискиот Залив поради американско-израелскиот конфликт со Иран, кој ги наруши бродските правци во регионот.
Саудискиот нафтен гигант „Арамко“ почна со намалување на производството на две нафтени полиња, според два извори.
Саудиска Арабија може да испорача значително повеќе нафта преку Црвеното Море во март, но таа количина нема да биде ни приближно доволна за да ги компензира намалените испораки преку Ормутскиот теснец, покажаа податоците за испорака објавени денеска.
Поради нападите меѓу САД и Израел, Иран ја презеде контролата врз Ормутскиот теснец и забрани премин на бродови поврзани со САД, Израел, европските земји и нивните сојузници.
Во такви услови, осигурителните компании го откажаа покритието за бродовите во поширокиот регион на Персискиот Залив, па танкерите престанаа да пловат низ Ормутскиот теснец.
До 28 февруари и првиот бран американско-израелски напади врз Иран, Саудиска Арабија извезуваше околу шест милиони барели нафта дневно преку тесниот премин помеѓу Оманскиот Залив и Персискиот Залив.
Земјите во регионот на Персискиот Залив моментално извезуваат само една десетина од нафтата во споредба со периодот пред конфликтот, пресмета Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) во најновиот извештај.
Ова значи дека помалку од два милиони барели дневно моментално минуваат низ Ормутскиот теснец, според проценките на ИЕА и просекот за 2025 година.
Само Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати имаат нафтоводи со проценет капацитет од 3,5 до 5,5 милиони барели дневно што би можеле да го заобиколат Ормутскиот теснец, соопшти ИЕА.
