Економија, финансии, бизнис

Контакт

Згасна увозот на српските производи на Косово?

Згасна увозот на српските производи на Косово?

Скоро целосно згасна увозот на српските производи на Косово. 

Има голем  пад на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина во Косово, откако Владата во Приштина пред една недела воведе такса од 100 отсто на производите од тие земји, јави дописникот на МИА од Приштина.

„Додека пред воведувањето на таксата во Косово дневно влегуваа по 100 до 120 камиони и шлепери со производи од тие земји, главно од Србија, откако е донесена одлуката за зголемување на таксата, при влез во Косово се оцаринети само два шлепери со стока од тие две земји, по еден од секоја од нив“, објави „Газета Екпрес“.

Адриатик Ставилеци од косовската царина изјави за приштинскиот портал дека вредноста на стоките кои влегуваат во Косово од Србија е мининална споредено со онаа пред воведувањето на таксата.

„Реално, додека пред владината одлука имавме по 100 до 120 шлепери од Србија и Босна и Херцеговина, главно од Србија, сега, по донесувањето на одлуката за 100 отсто царина, имаме оцаринето само два товари“, изјави Ставилеци.

Вели дека двата увезувачи, кои пренесувале суровини, ја платиле таксата од 100 отсто и дека ги исполниле условите од декларацијата, пропишани со последната одлука на Владата.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај рече дека тарифата поставена за Србија ќе остане во сила сè додека двете земји не постигнат сеопфатен конечен договор за меѓусебно признавање. 

„Оваа одлука, иако се проценува како дневна политика, планирајте дека може да остане многу подолго, сè додека Србија не го признае Косово, èе додека нема општ договор меѓу двете земји“, вели Харадинај.

Додаде дека 100 процентната царина за увоз на српски производи не е насочена против косовските Срби и ги повика институциите да им помогнат на српските жители на северот и на југот. Европската унија и САД побараа од косовската Влада да ја укине високата тарифа. Властите во Белград предупредија на евентуална хуманитарна криза во Северно Косово.

Претходно, имаше палење на српски производи, а Србите на северот од Косово протестираа. Четворицата градоначалници на српските општини во тој дел на земјата поднесоа оставка и ја прекинаа комуникацијата со институциите во Приштина.

Слично

Поврзани вести