Жестоки мерки на над 200 грчки плажи: Ова повеќе нема да смее да се прави
Поради заострување на мерките за заштита на животната средина, Грција оваа година затвора 251 плажа за каква било градба и комерцијална употреба, вклучително и изнајмување лежалки и чадори, со цел да се зачуваат највредните крајбрежни екосистеми и да се ограничи масовниот туризам.
Забраната значи дека на околу 251 плажа во Грција повеќе нема да биде дозволено изнајмување лежалки и чадори, при што многу од нив се дел од морските локалитети во рамки на мрежата NATURA 2000.
Од грчкото Министерство за животна средина наведуваат дека оваа одлука е насочена кон засилена заштита на плажите од посебно естетско, геоморфолошко и еколошко значење, како и зачувување на вредните живеалишта и растителни и животински видови што зависат од нив. Истовремено, проширена е листата на плажи вклучени во програмата NATURA 2000, кои сега се под построг режим на заштита.
Во овие подрачја не е дозволено отстапување на користење на крајбрежјето и плажите, а се забранети и интервенции или активности што би можеле да го изменат нивниот природен изглед или негативно да влијаат врз нивните еколошки функции.
Оваа мерка е дел од поширока стратегија за ограничување на неконтролираниот развој на масовниот туризам и промовирање поодржливо управување со грчкото крајбрежје, во време кога притисокот врз крајбрежните екосистеми расте поради развојот на туризмот и влијанието на климатските промени.
