Земјотресот со јачина од 4.4 степени внесе страв и паника кај граѓаните
Силен земјострес со јачина од 4.4 степени според европската скала утрово во 6.57 часот го потресе главниот град.
Земјотресот бил на длабочина од 2 километри. Епицентарот на земјотресот е во скопски Аеродром. Потресот ги натера граѓаните да излезат на улиците.
Михаил Гаревски, директор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) за порталот Сакам да кажам вели дека се можни уште неколку помали потреси по земјотресот што се случи утрината во земјава.
„Во светот не постои ниту еден научен труд кој што ќе ги поврзе поплавите со земјотрес. Земјотресите се случуваат поради придвижување во длабоките слоеви на земјата до кои површинската вода и не допира“- вели Гаревски.
Овој земјотрес Гаревски не го поврзува со поплавите.
Засега нема информации за штети и жртви.
