Земјоделците добиваат 1 милијарда денари за претрпените штети
Со една милијарда денари ќе се исплаќаат штетите во земјоделството од невремето минатата година, вака одлучи владата на една од седниците. Пари се предвидени и за штетите од доцните пролетни мразови во 2017-та.
Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, подрачните единици забрзано ги подготвуваат записниците и интензивно се работи за што поскоро реализирање на постапката.
– Затекнавме проблем со записниците, сега тоа го решаваме. Заедно со Бирото за судски вештачења ќе се прават нови пресметки, но ги предвидовме и средствата. Паралелно, ги забрзавме постапките за она што се случи во Тетовско, Скопско и Кумановско. Веднаш се формирани комисии и се покренати сите процедури. Направени се и првичните проценки, ги очекуваме сите записници за да се процесираат понатаму - вели тој.
Со законска измена, посочи, во 2015 година е донесена Уредба со која на подрачните единици им е даден рок од 360 дена наместо од 60, за да ги направат записниците.
