Земјиштето во Џумајлија се продава, Субрата не се откажува од другите инвестиции во Македонија
Две години по најавените милионски инвестиции на иднискиот бизнисмен Субрата Рој во Џумајлија, останаа празни ниви, а не дојдоа ниту кравите. За земјиштето кое во 2013 –та година го доби Рој, денеска министерството за земјоделство објави јавен повик за закуп. Министерството го раскина лани договорот со компанијата на Рој “Сахара Индиа Паривер”, бидејќи компанијата не ги испочитувала условите од договрот.
Но од претставништвото на “Сахара Индиа Паривер” во земјава за Фактор велат дека Субрата Рој не се откажува од инвестирањето во Македонија. Од “Сахара Индиа Паривер”, посочуваат дека се чекале инструкции од Индија, за понатамошните инвестициски активности во земјава. Не добивме конкретен одговор дали е пропаднат и проектот за млекарницата. Во врска останатите инвестиции на бизнисменот, како изградбата на споменик на Мајка Тереза на Плоштадот во Скопје, од компанијата не упатија да се обратиме во министерството за култура, а за инвестицијата во хотелот Славија во Охрид велат дека годинава очекуваат да биде завршена.
-Со самото тоа што договорот за земјиштето во Џумајлија е раскинат уште лани, завршуваат и плановите на компанијата. Во врска со најавената инвестиција за изградба на млекарница,чекаме насоки од Индија за понатамошните активности. Што се однесува за хотелот Славија во Охрид, тој не е купен со кредит,” Сахара Индиа Паривер” изврши уплата во готово и има 100 процентен удел. Годинава очекуваме инвестицијата да биде готова. “Сахара Индиа Паривер” нема да ги отповика инвестициите во Македонија, а оваа земја и натаму останува на нашата мапа за инвестирање, велат за Фактор од “Сахара Индиа Паривер” .
Што се нуди со Џумајлија?
Министерството за земјоделство денеска го објави јавниот повик за закуп на земјиштетото во Џумајлија, кое претходно му припаѓе на индискиот бизнисмен Субарата Рој. Вкупната површина на државното земјоделско земјиште кое ќе се продава изнесува 4.435 хектари. За продажбата на земјиштето, министесртвото земјоделство објави брошура во која детално е објаснето каде се наоѓаат парцелите, кои земјоделски култури можат да се произведуваат, колку од површините имаат пристап до системи за наводнување и какви се климатските услови.
-Површините на АК Џумајлија од Лозово зафаќаат значаен дел од Овче поле кое претставува втора најголема житница во Република Македонија. Овче Поле е котлина која што лежи во сливот на Светиниколска река (десна притока на Брегалница), се наоѓа на надморска висина од 200 до 400 м и е под влијание на континентални и медитерански климатски влијанија..Климатските услови во овој регион се доста поволни за производство на градинарски и овошни култури и тоа во делот на производство на пиперки, домати,сливи и вишни. Во овој регион значително е и производството на грозје и тоа пред се во руралните општини, стои во брошурата издадена од МЗШВ.
Се работи за парцели распространети во 14 катастарски општини а кои се групирани во 4 географски целини. Почетната цена на географските целини во зависност од квалитетот е од околу 90.000 евра до 102 илјади евра. Закупот на земјиштето зависи од тоа која култура ќе се одгледува и може да биде од 15 до 70 години.Заинтересираните компании треба бизнис планот со износ на вкупните инвестиции да го достават до министерството за земјоделство најдоцна до 22-ри следниот месец.
Со цел да се идентификуваат заинтересирани страни, Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство на Р.М. ги поканува потенцијалните инвеститори да достават писмо за изразување на интерес. Писмото за изразување интерес треба да содржи профил на компанијата (вклучувајќи сопственичка структура, преглед на финансиски извештаи за последните три години, и краток опис на бизнис планот), стои во соопштението од министерството.
Кон крајот на минатата година, министерството за земјоделство еднострано го раскина договорот со компанијата на бизнисменто Рој, поради непочитување на условите од договорот, и беше активирана банкарската гаранција во износ од 3 милиони евра. И тогаш од компанијата на бизнисменот изјавија дека се во преговори за проектот за млекарница и дека активирањето на гаранцијата ќе има негативно влијание врз целиот проект.
На лицитација ќе се продава само земјиштетото, додека објектите и механизацијата се во стечајната маса на агрокомбинатот. Стечајната маса ја сочинуваат објекти, механизација и повеќе од 400 хектари лозови насади. Винаријата, управната зграда, мотелот и ресторанот што беа во сопственост на агрокомбинатот и една фарма веќе се купени од други приватни газди.
Додека се чекаше Рој, пропаднаа неколку реколти
И во самата брошура на министерството се посочува дека Овчеполието важи за втора најголема житница во земјава, и затоа е важно земјата во овој регион да се обработува. Но откако Рој ја најави инвестицијата до раскинувањето на договорот ни педа од земјата не беше обработена. И селаните од регионот велеа дека никој од луѓето на Субрата Рој не дошол и предупредуваа дека ќе се пропуштат реколтите. и се уште не почнале со работа. Агроекспертите велат дека додека се чекаше бизнисменот Рој да почне со инвестициите, пропаднаа четери реколти, што е погубно за домашното производство на жита но и на други култури, во услови кога земјава троши милионски суми за увоз на храна.
-Добро е што конечно ќе се продава ова земјиште, кое е доста плодно.Досега се пропуштија речиси четери реколти, што е лошо за земја како Македонија која е голем увозник на храна. Таа земја во овчеполитео треба да се обработува, од таа земја треба да има производство. Сметам дека сега треба брзо да се реагира, да не се калкулира многу со цените, да се продаде побрзо земјиштето барем до мај, за да не се пропушти и оваа реколта. Се работи за голема површина и тој што ќе ја добие треба да има голем капитал, да вложи во механизација, обработка, луѓе. Најавените инвестиции на бизнисменот Субрата Рој беа мегаломански и преамбициозни и јас уште тогаш кажав дека се нереални и неостварливи и еве тоа се потврди, вели макроекономистот Борис Анакиев.
Од инвестицијата вредна 211 милиони евра останаа празни ниви, а и кравите не дојдоа
Субарата Рој требаше да го добие земјиштето во Џумјалија под концесија во времетрање од 15 години за надомест од 121.000 евра. Имаше опција и договорот да се продолжи уште на 15 години со непосредна спогодна. Проектот Џумајлија беше најавен како еден од стартешките во земјоделскиот сектор со вработувања на 2.000 лица, увоз на 20.000 млечни крави, млекарница која требаше да произведува 80.000 литри млеко дневно. Вредноста на целата инвестиција требаше да изнесува 211 милиони евра. Договорот беше склучен во јули 2013 –та година и првата жетва требаше да биде во мај лани, а веднаш потоа да се набават кравите. За производството ќе му следуваа и државни субвенции. За земјоделците и агроекспертите беше нејасно како се планираше да се најде место за 20.000 крави, кога претходно овој најголем агрокомбинат имал околу 300 крави. Но жетвата не почна а и кравите не дојдоа.
Во 2013-та година се со сите традиционални обичаи, тогашниот министер за земјоделство Љупчо Димовски и министерот за финансии Зоран Ставрески, качени на трактори симболично го означија почетокот на проектот за земјоделство на Сахара груп. Од преставништвото на компанијата во земјава, „Сахара Индија Паривар“, до последно изјавуваа дека инвестициите се одвиваат според зацртаниот план и динамика, дека во Џумајлија веќе во полн ек се одвива втората фаза за копањето бунари за подземните води и целата инвестиција е според зацртаниот план на реализација.
И додека во Македонија најавуваше милионски инвестиции не само во земјоделството туку и во туризмот, бизнисменот Рој во неговата матична земја Индија заврши во затвор. Тамошниот Врховен суд го товари за измама тешка 4 милјарди долари на 2 милиони граѓани преку продажба на недвижности. Индиските институции му го замрзнаа имотот, а пред да биде уапсен му беше забрането да ја напушта земјата. Во обид да најде пари за кауција и да го плати долгот бизнисменот почна постапка за продажба на неговите највредни хотели. Од македонската влада уверуваа дека апсењето на Рој нема да негативно да влијае врз најавените инвестиции во Македонија. Македонската Влада бомбастично ги најави инвестициите на индискиот бизнисмен поради што во земјава и му се даде посебно место. Двајцата негови синови добија македонски државјанства, а во јули лани државјанство доби и неговата сопруга.
Ј.С
Слично
