Земја од БРИКС се свртува кон Трамп наместо кон Русија
Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека Индија се согласила да престане да купува руска нафта и да ги зголеми купувањата од Соединетите Американски Држави(САД).
Иако САД го претставија овој потег како стратешка победа поврзана со војната во Украина, Индија досега не коментираше за руската нафта.
„Индија се согласи да престане да купува руска нафта и да купува повеќе од САД“, објави Трамп при објавувањето на договорот, по повеќе од една година трговски тензии меѓу двете земји.
Клучната точка на спорот, која Трамп постојано ја нагласуваше, беше увозот на руска сурова нафта во Индија.
Во тој период, Трамп отворено вршеше притисок врз Индија да ги ограничи купувањата на руска нафта во услови на тековната војна во Украина, постојано заканувајќи се дека ќе ги зголеми царините. Тој предупреди против воведување дополнителни давачки, дури изјавувајќи дека на Индија „не ѝ е гајле колку луѓе умираат во Украина поради руската воена машинерија“.
Индија се согласи да купува нафта, воена стока, електроника, фармацевтски производи и телекомуникациски производи, како и авиони од Соединетите Американски Држави според трговскиот договор, изјави владин претставник за Ројтерс.
Трамп објави дека е постигнат трговски договор со Индија во кој американските царини за индиска стока се намалени на 18 проценти од 50 проценти, во замена за суспензија на купувањето руска нафта и намалување на трговските бариери.Тој рече дека Индија се согласила да купува американска стока „на многу повисоко ниво“, вклучувајќи енергија, јаглен, технологија, земјоделски и други производи во вредност од 500 милијарди долари.
Неименуван индиски функционер рече дека одлуката за купување американска стока е донесена за да се намали трговскиот дефицит што САД го имаат со Индија.
Индиското министерство за трговија не одговори на барањето за коментар.
Според податоците од индиското Министерство за трговија, извозот на Индија во САД се зголемил за 15,88 проценти на годишна основа, на 85,5 милијарди долари во периодот од јануари до ноември, додека увозот од САД изнесувал 46,08 милијарди долари.
