Земја од БРИКС размислува наместо од Русија да добива нафта од друго место?
Индија ќе може да обезбеди снабдување со нафта дури и по евентуалното воведување санкции врз руската нафта.
„Земјата ќе бара нови добавувачи кои ќе го заменат увозот од Русија“, изјави индискиот министер за енергетика, Синг Пури.
Како можни извозници на нафта, Пури ги спомена Бразил, Канада и Гвајана.
„Индија ги прошири своите извори на снабдување и, според мене, од околу 27 земји од кои купувавме порано, сега зголемивме на околу 40 земји“, рече индискиот министер, според порталот „Бизнис“.
Порано оваа недела, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ги повика Индија, Бразил и Кина да обрнат внимание на ултиматумот на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со царините. Тој предупреди дека новите царини би можеле „сериозно да ги погодат“ економиите на тие земји.
„Ги повикувам овие три земји, особено ако моментално живеете во Пекинг или Делхи, или сте претседател на Бразил, да обрнат внимание на ова, бидејќи тоа би можело многу да ве погоди. Затоа, ве молам, јавете му се на (претседателот на Русија) Владимир Путин и кажете му сериозно да ги сфати мировните преговори“, рече Руте.
Еден ден претходно, Доналд Трамп вети дека ќе воведе царини од 100 проценти за стоки од Русија и нејзините трговски партнери, доколку конфликтот во Украина не се реши во рок од 50 дена.
Пред една година, Индија официјално ја престигна Кина по количината на увезена руска нафта, купувајќи околу два милиони барели дневно. Аналитичарите проценуваат дека Русија им ја понудила својата нафта на индиските рафинерии со големи попусти. Втор најголем снабдувач на нафта за индиските рафинерии е Ирак.
foto EPA/SERGEI ILNITSKY
