Земја богата со литиум доживува монетарен колапс, а валутата изгуби 99,8 oтсто од вредноста
Аргентинската валута пезос достигна ново најниско ниво во однос на американскиот долар, откако изгуби неверојатни 99,8 oтсто од својата вредност од 2009 година. Овој драматичен пад на валутата одразува длабока економска криза што ја потресува земјата со децении, чии последици директно ги чувствуваат милиони Аргентинци, пишува Yahoo Finance.
Падот на аргентинскиот пезос на најниско ниво во однос на доларот означува еден од најголемите монетарни колапси во модерната економија. Додека во 2010 година можеше да се добијат малку повеќе од три пезоси за еден американски долар, денес официјалниот девизен курс е околу 1482,95 пезоси за долар, или 1689,69 пезоси за евро, додека девизниот курс на паралелниот пазар е уште полош.
Оваа девалвација не е изолиран случај, туку последица на повторени циклуси на неконтролирано печатење пари за покривање на буџетските дефицити. Дополнителен притисок врз валутата беше создаден од контролата на движењето на капиталот и намалувањето на меѓународните резерви.
Владата на претседателот Хавиер Милеи, која ја презеде функцијата во декември 2023 година, почна строги мерки за штедење. Ги намали јавните расходи, ги укина субвенциите и спроведе почетна девалвација на пезосот, што ја намали месечната инфлација од хиперинфлаторни нивоа на поподносливи бројки.
Пресметките говорат дека Аргентина од 2020 година потрошила повеќе од 21 милијарди долари за да ја стабилизира валутата.
На меѓународно ниво, слабиот пезос го прави увозот поскап и ги комплицира трговските односи. Иако Аргентина е богата со ресурси како што се литиум и гас, валутниот ризик значително ја ограничува нејзината способност да привлече странски инвестиции.
Експертите се согласуваат дека за да се прекине циклусот на кризи што ја погодуваат земјата со децении, неопходни се длабоки структурни реформи. Тие вклучуваат одржлива фискална дисциплина, обезбедување независност на Централната банка и поголема трговска отвореност. Иако сегашната влада успеа да избегне целосен колапс, патот до стабилност останува долг и неизвесен.
Аргентина е една од земјите со најголеми резерви на литиум во светот. Таа е дел од таканаречениот „Литиумски триаголник“ (заедно со Чиле и Боливија), каде што се наоѓа повеќе од половина од светските резерви на овој метал.
foto printskrin youtube
