Економија, финансии, бизнис

Контакт

Зелените финансии го менуваат Скопје – од загадена реалност кон почиста иднина

Зелените финансии го менуваат Скопје – од загадена реалност кон почиста иднина

Долги години наназад, уште пред да се постават мерните станици за квалитет на воздух, скопјани на шега знаат да кажат дека ние барем гледаме што дишеме. Загадениот воздух во Скопје се третира како сериозно прашање уште од седумдесеттите години на минатиот век. И денес, загадувањето на воздухот, особено концентрациите на ПМ2,5 и ПМ10 честичките, неколкупати ги надминува дозволените европски норми, ставајќи ги здравјето и квалитетот на животот на граѓаните под сериозна закана.

Постојат повеќе пристапи за изнаоѓање решенија кои ќе придонесат за намалување на загадувањето на воздухот. Еден од поважните механизми, покрај свесноста на јавноста за сопственото учество во загадувањето и вклученоста на сите чинители во акциите поврзани со почист воздух, е и изнаоѓањето модели за финансирање проекти кои имаат помало загадување.

Токму затоа, учеството во проектот „Зелен финансиски инструмент“ –  (GFF), програма која е финансиски поддржана од Владата на Македонија, Заедничкиот фонд за целите за одржлив развој на Обединетите нации и ЕБРД, не е само еден административен чекор. Тоа е свесна одлука дека Скопје мора да се смени и дека промената почнува со конкретни инвестиции на терен.

Бројките зборуваат сами за себе

Во рамките на проектот „Зелен финансиски инструмент“, финансиска поддршка досега добија повеќе од 150 домаќинства и преку 100 претпријатија. Тоа се 150 семејства кои ги заменија старите енергетски неефикасни системи за греење со современи решенија – топлински пумпи, фотоволтаични панели, термоизолација на фасади. Тоа значи над сто бизниси кои инвестираа во зелена инфраструктура и со тоа ги намалија своите оперативни трошоци, но и своето влијание врз животната средина.

Корисниците добиваат поврат на средства од заемите, со субвенција до 30 отсто за физички лица, со што зелените инвестиции стануваат финансиски достапни и за оние кои сами не би можеле да ги покријат.

Во текот на првата година, програмата постигна инвестиции од 12,5 милиони евра, а интересот на бизнисите дополнително потврди дека постои реална желба за ваков тип промени.

Зошто е ова важно за воздухот во Скопје?

Големи групи извори на загадување во нашиот главен град се и оџаците од домаќинствата и малите и средни претпријатија поради несоодветното домашно греење – стари печки на дрва и други цврсти горива, неефикасни котли, системи кои трошат повеќе, а даваат помалку. Планските документи утврдуваат дека намалувањето на ПМ честичките мора да оди рака под рака со мерки за енергетска ефикасност во домаќинствата и во јавните установи.

Зелениот финансиски инструмент е практична реализација токму на тој принцип. Секој дом којшто е термоизолиран и секој бизнис којшто инсталира фотоволтаици или поминува на поефикасен систем за греење директно придонесува за помалку чад, помалку цврсти честички и почист воздух за сите нас.

Проектите директно придонесуваат за намалување на аерозагадувањето – ПМ2,5 и ПМ10, со конкретно мерливи резултати во намалување на емисиите на CO₂, а со тоа и за поздрава животна средина за граѓаните.

Зелените финансии не се апстракција

Честопати зелените финансии се перцепирани како нешто далечно – европски директиви, банкарски термини, финансиски инструменти коишто се однесуваат на некои други. Овој проект го покажа спротивното.

Успехот се темели на поврзување на финансиите и стручноста од Владата, Фондот за Целите за одржлив развој, банкарскиот сектор, Европската банка за обнова и развој и УНДП, со цел зајакнување на инвестициите во обновливи извори и енергетска ефикасност. Но, конечниот ефект е многу поедноставен – граѓанин во Скопје кој одлучил да инсталира топлинска пумпа наместо старото ќумбе добил реална финансиска поддршка и придонел за поздрав воздух во својот дом и во нашиот град.

Преку овој проект и други слични проекти се зголемува количеството знаење за почистите технологии во домаќинствата и во малата индустрија, коешто се пренесува до корисниците.

Зелената транзиција, покрај климатската компонента, сè повеќе се наметнува и како двигател на економскиот развој – со пониски сметки за струја и пониски оперативни трошоци за домаќинствата и за бизнисите.

Следниот чекор е нашата одговорност

Како координатор на проектот и претседател на Советот на Град Скопје, со гордост можам да кажам дека ова е само почеток. Проектот „Зелен финансиски инструмент“ покажа дека кога институциите соработуваат, кога постои јасна цел и кога граѓаните ги препознаваат придобивките – промената е можна.

150 домаќинства и 100 претпријатија се само првата страница од приказната. Скопје брои стотици илјади домови и илјадници бизниси. Задачата пред нас е оваа рамка да ја прошириме, да ги намалиме бариерите за аплицирање, да ги едуцираме граѓаните за можностите кои постојат  и да го претвориме Скопје во град кој дише слободно.

Реализираните проекти преку оваа програма покажуваат дека дури и без финансиската поддршка, инвестирањето во почиста технологија за загревање на домот, мерки за енергетска ефикасност и заштеда на енергија се исплатливи за корисникот. Овој проект во практика покажува дека секој еден денар кој е денес вложен во зелени технологии се враќа многукратно и како заштеда во средства и заштеда во намалени загадувачки емисии, како и заштеда во нашето подобрено здравје.

Чистиот воздух не е привилегија. Тој е право на секој жител на овој град. Зелените финансии се еден од патиштата натаму.

Колумна на претседателот на Советот на Град Скопје и копретседавач на проектот „Зелен финансиски инструмент“ – проф. д-р Даме Димитровски

Слично

Поврзани вести